X
 09.10.2018 Технологија

Причини поради кои можеби ви е побавен безжичниот интернет

Вашето Wi-Fi одеднаш е побавно? Ова се најчестите виновници за тоа, а ви даваме и предлог-чекори што да направите за да ја поправите врската.

Каде ви е сместен рутерот?

Не е сеедно каде стои рутерот. На пример, по правило, подобро е да го сместите на повисоко место, од каде што радиобрановите ќе можат непречено да достигнуваат до вашиот компјутер и паметен телефон. Колку повисоко, толку подобро.

Обидете се да го поставите рутерот така што меѓу него и уредите што го примаат сигналот ќе има што помалку бетон и метал, кои обично се најголемите пречки. Исто така, убаво би било на патот општо да нема поголеми предмети.


Фото: Tportal

Важно е и рутерот да биде сместен што е можно поблиску до уредите со кои ќе се поврзете на интернет. Бидејќи рутерите испраќаат бранови во 360 степени, добро место е центарот на вашиот дом.

Ако живеете во поголем стан или куќа, веројатно ќе морате да искористите засилувачи на сигналот за да осигурите побрза и стабилна врска во сите делови од домот.

Постојат и апликации што можат да ви помогнат во пронаоѓањето добра локација за вашиот рутер. Испробајте го бесплатниот WiFi Solver (Android | Chrome OS).

Што друго може да му пречи на сигналот?

Рутерот не е единствениот уред во вашата околина што испраќа безжични сигнали. Тоа го прават и други електронски уреди, сателити... Иако рутерот обично работи на друга фреквенција од мнозинството од тие уреди, тие сепак можат да бидат пречка.

На пример, микробрановите печки се честа причина за проблемите од овој вид, особено ако имате постар рутер кој користи фреквенција 2,4 GHz. Микробрановите работат на 2,4 GHz, што е доволно блиску за пречки. Поголемиот дел од нив имаат соодветна заштита, но сепак држете го рутерот што подалеку од нив, за секој случај.

Блутутот исто така користи фреквенција како и Wi-Fi. Теоретски, добро дизајниран уред со блутут би требало да има вградена заштита која го спречува настанувањето на пречки, а поновите уреди можат и да препознаат кои канали се користат во моментот и да ги избегнуваат. Сепак, може да се појават пречки, па затоа уредите што користат блутут, ако е можно, држете ги подалеку.

Новогодишните светилки исто така може да бидат проблем. Светилките што се користат за украсување во некои случаи може да емитуваат електромагнетно поле кое му пречи на безжичниот интернет.

Најголем проблем се светилките што трепкаат, но и поновите ЛЕД-светилки можат да предизвикаат неволји поради вградените чипови кои создаваат електромагнетно поле. Општо кажано, кои било електрични светилки може да бидат пречка, иако нивното влијание по правило е занемарливо. Но, за секој случај, оддалечете го рутерот од светилките и изворите на светлина.

Испробајте ја апликацијата Architecture of Radio (Android | iOS), која користи јавно достапни податоци за сателитите и базните поставки, како и податоци за Wi-Fi и GPS локацијата, за да изработи мапа на невидливи сигнали околу вас. За оваа апликација ќе треба да платите 3 долари.

Дали за слабото Wi-Fi се виновни соседите?

Денес безжичниот интернет е присутен насекаде, па во густо населените подрачја може да дојде до поклопување на каналите. Тој проблем е особено изразен во станбените згради и со постарите рутери кои можат да користат само фреквенција 2,4 GHz, која има само 14 канали. Поновите рутери автоматски одбираат слободни канали, но не е лошо да научите како да го направите тоа рачно.

Ако не сте ја заштитиле добро својата мрежа, можно е некој од соседите да ја користи бесплатно. Затоа, смислете силна лозинка за вашиот Wi-Fi, редовно надградувајте го софтверот за рутерот и одвреме-навреме проверувајте дали се приклучил некој што не би требало.


Фото: Tportal
 
Дали за слабото Wi-Fi се виновни вашите домашни?

Проверете дали некој од луѓето со кои живеете презема поголема датотека од интернет, игра некоја игра или следи нешто во живо. Ако тоа е извор на проблемот, вклучете ја функцијата Quality of Service во поставките на вашиот рутер.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија