X
 10.01.2020 Политика

Војната со Иран би била катастрофа

Иран како одговор на убиството на генералот Касем Сулејмани изврши напад на две воени бази во Ирак, иако без потврдени жртви. Во претходен напад на ирачката база иранските паравоени сојузници убија еден Американец. САД, пак, освен што го убија Сулејмани, во воздушните напади на иранските сојузници во Иран и Ирак убија најмалку 25 борци.

Дали ова е вовед во нова војна? На тоа прашање практично и не може да се одговори. Малку полесно е да се одговори како би изгледала таа војна. На крајот на краиштата, имаме барем една, прилично непотполна, но очигледна аналогија - ирачката војна.

САД пред 17 години влегоа во една катастрофална војна благодарение на невнимателноста, погрешните или исконструираните стравови за оружје за масовно уништување и наивните претпоставки дека ќе бидат дочекани како ослободители. Но, таа војна во споредба со евентуалната војна против Иран би можела да се чини како ремек-дело, пишуваше уште во мај, во екот на уште една ескалација меѓу Америка и Иран, колумнистот на „Атлантик“, Дејвид Фрм.

САД во оваа војна би немале сојузници, би немале повод и би биле без план

И самиот тој беше еден од заговорниците за инвазија на Ирак, верувајќи дека рушењето на режимот на Садам Хусеин ќе ја отвори вратата за подобра, подемократска иднина на Блискиот Исток, што би ѝ било од корист на американската национална безбедност по нападите од 11 септември 2001 година. Но, војната и за САД и за Ирак донесе големи човечки и економски загуби, а за САД и губење на репутацијата, од што сè уште немаат закрепнато, признава Фрам. Што би донела далеку поголемата војна против Иран, без сојузници, без оправданија и без план, тешко е да се замисли.

Притоа е слаба утеха тоа што администрацијата на Доналд Трамп веројатно блефира во заканите упатени кон Иран, вклучувајќи ја и заканата за напаѓање на културните локалитети. Војната со зборови и спорадичните воздушни, ракетни или герилски напади сепак можат да прераснат во вистинска војна. Во таа војна САД би немале одобрение од Конгресот, би немале резолуција на Советот за безбедност на ОН на која би можеле да се повикаат (иако резолуцијата што ја одобрува инвазијата не помина), би немале поддршка од американската јавност, а ни коалиција од воени сојузници каква што имаа кога го нападнаа Ирак. Единствените на кои би можеле да сметаат се Израел и евентуално Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати.

Иако тоа често се заборава, со оглед на тоа дека наводното оружје за масовно уништување не е пронајдено по инвазијата, Ирак пред војната континуирано ги прекршуваше резолуциите на Советот за безбедност, условите за примирје по Првата заливска војна во 1990 година, го тероризира сопственото курдско малцинство, а во 1996 година беше фатен како и понатаму ја развива својата програма на биолошко и хемиско оружје.

Иран не е ни изолиран ни слаб како Ирак на Садам

Не би можело да се смета ни на поддршката од иранскиот народ кој, иако одржа големи протести против исламскиот режим во 2009, 2011, 2018 и 2019 година, веројатно би се обединил зад властите (без оглед на тоа колку се омразени) против надворешната агресија. Големите погребни поворки за Сулејмани во Техеран и во други ирански градови сведочат за тоа, иако може да се претпостави дека таквото собирање барем делумно било присилно.

Иран, меѓу другото, не е ни приближно слаба ни меѓународно изолирана држава како што беше Ирак. Тешко е да се предвиди на кој начин би реагирала Русија - најмоќниот сојузник на Иран. Но, и самиот Иран, заедно со паравоените сили во регионите што ги контролира, и тоа како има капацитет да одговори на разорен начин ако биде вовлечен во тотална војна.

На пример, Иран и покрај ембаргото има најголем и најразновиден ракетен арсенал на Блискиот Исток, со илјадници балистички и крстачки проектили со краток, среден и долг домет. Оние најдалекосежните може да го погодат Израел, па дури и Југоисточна Европа. Во секој случај, војната со Иран би била речиси невозможно да се задржи во границите на Иран, а можно е и да се излее надвор од Блискиот Исток.

Иран би ја направил војната асиметрична и би ја проширил во целиот регион

Напротив, Иран би направил сè за да го направи судирот регионален и асиметричен бидејќи многу добро знае дека не може да ја победи најголемата светска воена сила во конвенционална војна еден на еден.

- Ова не би била конвенционална војна. Иран би се осигурал тоа да се прошири низ регионот за максимален ризик и изложеност. Наместо војната да се одвива во Иран, Иранците би ја прошириле низ целиот Блиски Исток - оценува Трита Парси, основач на Националниот иранско-американски совет.

Заливските монархии, особено оние помалите како ОАЕ, исто така се плашат од разорните ракетни напади од Иран. На крајот на краиштата, иранскиот напад со дронови и проектили на саудиските нафтени постројки во септември преку ноќ го преполови нафтениот капацитет на таа земја. Како што истакна еден неименуван заливски службеник, Иран со својот ракетен арсенал има потенцијал да го држи регионот како заложник. На пример, едно гаѓање на аеродромот во Дубаи би го потопило туристичкиот сектор на таа земја.

Уште еден ирански сојузник, моќната либанска паравојска Хезболах, на југот на Либан има дури 130.000 проектили насочени кон Израел и подготвени за нова војна, според израелските процени. Некои од нив може да досегнат до Тел Авив, а прашање е колкава заштита ќе им овозможи на Израелците нивната железна купола во случај на таков масовен напад.

Половина милион војници, 350.000 резервисти и стотици илјади сојузнички борци во регионот

Американските експерти уште минатата година предупредија дека ова е многу поголема и помоќна земја, која има многу повеќе сојузници, додека САД се во многу послаба позиција како нација поради кредибилитетот бидејќи ги напуштија сојузниците, односно Иранскиот нуклеарен договор, кој Америка во 2015 година го потпиша со Велика Британија, Франција, Германија, Кина и Иран. Но, Трамп реши да оди спротивно од одлуките на Обама.

Иран има 82 милиони жители - повеќе од тројно повеќе отколку што имаше Ирак во 2003 година. Територијата на Иран е тројно поголема, теренот е претежно ридест, а земјата има стратешки излез на Персискиот Залив и Ормускиот Проток. Неговата блокада, со која Иран се закануваше повеќе пати, преку ноќ би запрела дури една петтина од меѓународната трговија со нафта и би ја зголемила цената на 100 или 150 долари за барел.

Во однос на војската, последните процени велат дека Иран има повеќе од половина милион активен воен персонал, околу 350.000 во својата војска, морнарица, воздухопловство и околу 150.000 во елитната Иранска револуционерна гарда (ИРГЦ), чија единица Кудс ја водеше токму Сулејмани. Администрацијата на Трамп неодамна целата ИРГЦ ја прогласи за терористичка организација.

Подобро да се спореди со Првата светска војна отколку со ирачката


Тука се уште 350.000 резервисти, според „Глобал Фајрпауер индекс“. Единицата Кудс, за која се проценува дека има околу 5.000 припадници, би можела да изведува и координирани герилски операции против американските мети во Ирак, Сирија и други земји. Токму таа, односно наследникот на Сулејмани, Исмаил Кани, би ги координирал герилските напади на паравоените единици на американските позиции во Ирак и Сирија, а можеби и во Израел. Не се исклучени ни цивилните мети - амбасади, владини згради во непријателските држави, па дури и популациски центри.

Американскиот напад, секако, би бил првенствено во вид на воздушни и ракетни удари. Копнената инвазија поради наведените причини не доаѓа предвид. Очигледни мети, меѓу другите, би биле структурите за наредби и контрола на корпусот на ИРГЦ, противвоздушна одбрана, стратешки комуникациски центри и складишта за оружје. Би можеле да бидат гаѓани и елементи на одново одмрзнатата иранска нуклеарна програма. Но, Иран сигурно е свесен за тоа и ќе преземе или веќе презел мерки за заштита или криење на таквите мети, без разлика дали станува збор за закопување во планина или поставување лажни мамки. Во секој случај, војувањето од воздух има ограничени капацитети и прашање е колку точно САД би постигнале против ваков непријател.

Можеби затоа подобра споредба е Првата светска, а не ирачката војна. Така смета Роберт Дајц, поранешен советник во американската Агенција за национална безбедност (НСА).

Секој конфликт со Иран би можел да ескалира брзо и неконтролирано. Многу е опасно да се претпостави дека конфликт каде било на Блискиот Исток би можел да се одржи како локален - вели тој.

Токму Касем Сулејмани би можел да ја одигра улогата на Франц Фердинанд на нашиот век. Освен ако моменталните американски и ирански лидери не покажат повеќе мудрост и самоконтрола од тогашните цареви и кралеви.

Извор: Index.hr
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Политика