X
 10.01.2022 Наша тема

Најмногу специјалисти имаме по кардиологија, педијатрија и семејна медицина

Германија, Словенија, Швајцарија, Хрватска, Италија и Англија се државите каде што лекарите најчесто заминуваат да работат или да се едуцираат

За две години 589 лекари добиле лиценца за работа во примарна здравствена заштита или како матични лекари, а 499 лекари добиле лиценца за работа како специјалисти. Во последните три години 445 лекари побарале потврда дека за нив не се води постапка пред судот на честа пред Лекарската комора за да може да работат, или за едукација и доедукација во странство.

Според податоците од Лекарската комора, по завршување на Медицинскиот факултет и по полагање стручен испит во 2020 година, со лиценца за работа во примарно здравство се стекнале 351 доктор, а до декември 2021 година лиценца за работа добиле 238 лица.

- По завршување на сите турнуси на специјализација на Медицински факултет и полагање на специјалистички испит, во Лекарската комора, врз основа на доставените документи за завршена специјализација, во 2020 година со специјалистичка лиценца од одредени области на медицината се 243 доктори, а во 2021 година 256 доктори - велат од Лекарската комора.

Најмногу специјалисти лани има во областите кардиологија, педијатрија, радиологија и семејна медицина. Од Лекарската комора велат дека најмалку специјалисти што лани завршиле и се стекнале со лиценца за работа се во областите: дигестивна хирургија, кардиохирургија, медицинска микробиологија со паразитологија, неврорадиологија, пластична и реконструктивна хирургија, трауматологија, хигиена и здравствена екологија.



- Најмногу специјалисти во 2021 година од новозавршените лекари има во областите: семејна медицина, педијатрија, кардиологија, гинекологија и акушерство, анестезиологија со интензивно лекување, а најмалку има во областите: градна хирургија, инфектологија, медицинска биохемија, педијатриска анестезиологија, пулмологија со алергологија, ревматологија, пулмологија и респираторна алергологија, социјална медицина и јавно здравје, спортска медицина, уролошка радиодијагностика, хематологија, хигиена и здравствена екологија - велат од Лекарската комора.

Германија, Словенија, Швајцарија, Хрватска, Италија и Англија – цел на докторите

Лекарската комора, согласно надлежностите што ги има, на докторите им издава потврда (good standing) за тоа дека се членови на Комората и дека против нив не се води постапка пред Судот на честа при Лекарската комора.
- Овие потврди им се неопходни за едукација во странство, стручен или студиски престој во странство, обука и доусовршување, меѓународни проекти, како и на оние што заминуваат да живеат и работат надвор од земјава. Поднесени барања за потврди за странство и издадени потврди по сите основи во 2019 година се за 170 доктори, во 2020 година за 110 доктори и до 20 декември 2021 година за 165 доктори - велат од Лекарската комора.

Германија, Словенија, Швајцарија, Хрватска, Италија и Англија се најчестите дестинации каде што заминуваат лекарите да работат, на едукација или доедукација, покажуваат податоците од Лекарската комора.
Овие податоци, како што објаснуваат од Лекарската комора, покажуваат дека тврдењата оти во странство заминуваат онолку лекари колку што годишно завршуваат на медицинските факултети не се точни. Тоа го покажува податокот дека од вкупната бројка на лекари што побарале потврда од Комората влегуваат и лекарите што заминуваат на едукација или доедукација.



Лекарската комора не е задолжена за планирање и спроведување на специјализациите

Одливот на лекари во странство и недостигот на специјалисти во одредени области трае подолго време. Тоа стана повидливо со пандемијата, кога целиот медицински кадар беше ангажиран за справување со короната. Недостигот на специјалисти во одредени области беше нотиран и во последниот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија, иако изминатите три години беа одобрени поголем број специјализации и супспецијализации.

На прашањето колку Лекарската комора, заедно со медицинските факултети во земјава, е вклучена во планирање на потребниот специјалистички кадар, оттаму велат дека според член 148 од Законот за здравствена заштита, тие имаат претставник во Советот за специјализации формиран од Министерството за здравство.
Од Лекарската комора објаснуваат дека според овој член, Владата донесува четиригодишна програма за потребите од специјалистички и супспецијалистички кадри во согласност со мрежата од здравствени установи. Притоа, специјализациите и супспецијализациите се одредуваат секоја година според бројот и старосната структура на специјалисти, времето на чекање за одредени прегледи и потребите од специјалистичко консултативни и болнички услуги во секоја општина, односно јавна здравствена установа.

Програмата за специјализации и супспецијализации се носи на предлог на Советот за специјализации, кој го сочинуваат девет члена, од кои по еден се предложени од Лекарската, Стоматолошката и од Фармацевтската комора, четири члена предложени од Министерството за здравство и по еден член предложен од Министерството за образование и наука и од Фондот за здравствено осигурување.

- Во Словенија, на пример, Лекарската комора е задолжена за планирањето и спроведувањето на специјализациите. За жал, во нашата земја тоа не е случај - велат од Лекарската комора.
Подготвил: Елица Бочваровска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема