X
 10.10.2019 Култура

Патувачката училница Una vita da social – „Живот на социјалните мрежи“ ексклузивно на „Џифони Македонија“ во Скопје

Училницата ќе ги отвори своите врати за учесниците на „Џифони Македонија“ од групите кадети и сениори в сабота (12 октомври), пред Младинскиот културен центар

Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“ ја има честа да биде домаќин на патувачката училница Una vita da social – „Живот на социјалните мрежи“, во која ќе се реализираат едукативни средби со ученици, студенти, наставници и родители. Веќе седум години низ цела Италија се реализира овој европски проект, кој е дел од проектот „Поврзани генерации – Безбеден интернет-центар“, што го координира министерството за образование и наука на Италија, а го реализира одделението за безбедност во комуникациите при италијанското министерство за внатрешни работи.



Благодарение на угледот што го ужива „Џифони Македонија“ во нашата земја, но и во странство, годинава одделението за безбедност во комуникациите одлучи првата и единствена меѓународна активност во рамките на проектот да биде спроведена токму кај нас, за време на фестивалот „Џифони Македонија“.

Проектот е поддржан од Амбасадата на Италија во Скопје и од Министерството за внатрешни работи на РСМ, а за успешна реализација на едукативните активности се погрижија и СВР Скопје, Град Скопје, Општина Карпош, Општина Центар, Министерството за образование на РСМ и низа други институции. Се очекува околу 500 ученици од основните училишта да ја посетат патувачката училница, која ќе престојува на повеќе локации во градот, и тоа: в понеделник на платото пред „Скопје сити мол“, во вторник пред „А1 Арената Борис Трајковски“, а в среда и в четврток на плоштадот „Фонтана“ во Градскиот парк. Експертите ќе им илустрираат на слушателите како интернетот може да се користи на полезен и безбеден начин, преку запознавање со најнепредвидливите замки и навремена превенција и заштита од можни злоупотреби.



Училницата ќе ги отвори своите врати за учесниците на „Џифони Македонија“ од групите кадети и сениори в сабота (12 октомври) пред Младинскиот културен центар, а во попладневните часови ќе биде префрлен пред платото на „Скопје сити мол“. В недела училницата ќе биде отворена за сите заинтересирани посетители. Експертите од италијанската Полиција за безбедност во комуникациите ќе остварат средби и со колегите од МВР, од Секретаријатот за внатрешни работи и од полициските станици од сите скопски општини, како и со претставници на невладиниот сектор.


Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура