X
 10.11.2025 Наша тема

Интервју со проф. д-р Данче Сивакова-Нешковски, деканка на Педагошкиот факултет во Битола: „Лидери сме во истражувањата и едукацијата на наставничкиот кадар во државата и пошироко“

Факултетот прослави 30 години постоење и од него се излезени речиси сите воспитувачи во градинките и наставници во одделенска настава во училиштата, кои ја воспитуваат и описменуваат младината во Југозападна Македонија.

Стигнавте до јубилејни 3 децении, но институцијата има корени од 1964 година, кога се основа прво како виша школа, што значи двојно поголем континуитет.

- Педагошкиот факултет – Битола е институција со богата и плодна историја која ги продолжува традициите на прочуената Учителска школа и на Педагошката академија. Низ годините развојот на науките и издвојувањето на нови научни дисциплини укажуваа на потребата за натамошно усовршување на педагошките академии. Дури во 1995 година условите дозволија институцијата да се развие во Факултет за учители и воспитувачи со четиригодишни студии. Уште од своето основање, факултетот се истакна како водечки центар за образованието во регионот и пошироко.



Некогашната Педагошка академија за тридецениското постоење едуцирала 3.184 студенти. Колкав дипломиран кадар излезе од Педагошкиот факултет во изминатите 30 години?

- Во изминатите години на оваа високообразовна установа дипломирале околу четири илјади студенти, кои денес се вработени и претставуваат значаен сегмент од образовниот систем на нашата земја. Тоа се нашите алумни и промотори со кои сите ние се гордееме затоа што непосредно сме учествувале во нивниот развој.



Кои студиски програми ги нуди Факултетот и дали има новини во однос на студирањето?

- На Педагошкиот факултет во Битола наставата се реализира на прв, втор и трет циклус студии, според акредитираните студиски програми. На прв циклус се реализираат студиските програми: Наставник за одделенска настава, Воспитувач, Социјална и рехабилитациска педагогија, Македонски јазик и книжевност, Англиски јазик и книжевност и Информатика и техничко образование. На втор циклус студии програмите: Македонски јазик и книжевност, Англиски јазик и книжевност, Наставник за одделенска настава, Воспитувач, Менаџмент во образованието, Образование за надарени и талентирани и Социјална педагогија. И на трет циклус: Образовни науки, Менаџмент во образование, Надареност и талентираност и Настава по јазик. Студиската програма Информатика и техничко образование, која се реализира како заедничка програма со Техничкиот факултет од Битола, како и студиските програми Образование за надарени и талентирани и Надареност и талентираност се единствени во нашата земја и пошироко.

Кои се предностите што ги нуди Факултетот поради кои студентите што сакаат да станат просветни работници треба да го изберат токму него?

- Денес, Педагошкиот факултет – Битола едуцира наставнички кадар компатибилен со светските стандарди, конкурентен на пазарот на трудот и доволно оспособен да одговори на предизвиците на модерното време. Педагошкиот факултет треба да се избере од неколку причини. Toj e лидер во областа на истражувањата и едукацијата на наставничкиот кадар во државата и пошироко. Toа е факултет кој создава академски кадар способен за реализација на современа настава, што влијае врз градење на личноста на детето и младиот човек во насока на развој на индивидуалните капацитети и активното граѓанство кое придонесува за развој на општеството во кое тие живеат. Исто така, тоа е факултет кој се грижи за културата на квалитетот и создава академска средина во која се става акцент на науката и знаењето, но и на универзалните човекови вредности.



Од оваа институција е произлезен речиси целиот кадар за градинките и за одделенска настава во Југозападна Македонија. Каков е интересот за студирање на факултетот во последните години?

- Во однос на интересот, сведоци сме на опаѓањето на бројот на средношколци во нашата држава. Тоа неизоставно се одразува и врз бројот на студентите кои се запишуваат на сите високообразовни институции, со мали исклучоци. За среќа, бројот на новозапишани студенти на Педагошкиот факултет во Битола секоја година е речиси постојан. Запишуваме солиден број студенти и веруваме дека тие во иднина ќе бидат подготвени да ги продолжат визијата и мисијата на факултетот на своите работни места.

Дали сѐ уште има можност студентите од други факултети да ги полагаат предметите поврзани со методиката на овој факултет?

- Да, се работи за програмата за стекнување педагошко-психолошка и методска подготовка (педагошка доквалификација). Право за запишување имаат сите кандидати што се стекнале со високо образование (240 ЕКТС) на студии кои немаат наставна насока. Оваа подготовка се реализира во текот на еден семестар, преку следење настава и полагање испити и преку изведување практична настава во училиште со траење од најмалку 45 дена.



Кој е најголемиот успех со кој се гордее факултетот и кој е најголемиот проблем со кој се соочува?

- Успех е тоа што од оваа институција произлегува речиси целиот наставен кадар во предучилишните установи и основните и средните училишта од Југозападна Македонија. Особено сме горди зашто станува збор за институција која води сериозна грижа за своето функционирање и институција во која е развиена и наставната и научната дејност. А најголемиот проблем е кадровската екипираност, што, во одредена мера, ги отежнува проектираните активности. Сепак, настојуваме да ги развиваме силните страни на факултетот, а, секако, и да ги подобруваме слабите страни.

Кој Ви беше првиот контакт со оваа институција што ја водите денес? И која работа повеќе ја претпочитате: да предавате или да ја водите институцијата?

- Мојот прв контакт со факултетот датира од 1996 г. кога се запишав да студирам на насоката за учители. Јас сум дипломиран учител. Од 2002 г., на факултетот сум ангажирана како помлад асистент, а потоа и како асистент, доцент, вонреден и редовен професор. Денес сум вклучена во реализација на наставата по предметите Методика на наставата по математика и Методика на воспитно-образовната работа по математика, како и во реализацијата на предметот Педагошка практика, кој претставува најзначајниот сегмент во студирањето. Сакам да нагласам дека функцијата е минлива категорија. Но верувам дека како деканка, успевам да го одржам и понатаму да го развивам квалитетот на институцијата, за кој се заслужни многу претходни декани. Она што ме исполнува се наставната, научната и истражувачката работа во кои ја наоѓам својата мотивација да истраам во сите предизвици што ги носи новото време. 



Фото: приватна архива

Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема