X
 11.05.2019 Живот

Во Романија потече река од пластика

Поројните дождови што предизвикаа поплави во Романија го нагласија и страшното влијание на човекот врз планетата. На снимка поставена на социјалните мрежи може да се види река од отпад како тече во Мичешт, округот Арџеш во Јужна Романија.

Тешко е да не се вџашите од шокантното количество пластика.

Романија има многу слаби резултати кога станува збор за менаџирање на отпадот. Во 2013 година биле рециклирани само 5 отсто од сиот отпад, во споредба со оние 28 отсто на ниво на ЕУ. Тоа значи дека поголемиот дел од отпадот завршува во депонии, а некои од тие депонии се илегални.

Европската комисија ја критикуваше романската влада за начинот на кој го менаџира отпадот, па дури и алоцира финансии за нови системи за отстранување отпад. Земјата полека се подобрува. Процентот од 2013 година е поголем од оној еден отсто од 2010 година и и приватниот и јавниот сектор прават напори за подобрување на ситуацијата.



Но, Романија е само една земја. На глобално ниво, поголемиот дел од пластичниот отпад сè уште е занемарен.

Дури и кога се обидуваме да го рециклираме, што е тежок и скап процес, нештата не одат секогаш по план.

САД моментално се во криза кога станува збор за отпадот поради новата политика имплементирана минатата година во Кина, со која му се стави крај на увозот на пластика за рециклирање. Потегот погоди и други земји, меѓу кои и Канада и Австралија.

Според студија од 2017 година, од 50-тите години од минатиот век до 2015 година луѓето произвеле 8,3 милијарди метрички тони пластика. Повеќе од 6,3 милијарди тони завршиле на депониите или во природата, вклучително и во океаните.

Научниците предупредија дека ако глобалниот тренд продолжи во иста насока, до 2050 година може да има повеќе од 13 милијарди тони пластичен отпад во депониите или во природата.

Оваа снимка е само едно отрезнувачко предвидување за иднината што нè очекува ако не се промениме.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот