X
 09.03.2020 Наша тема

Неформалните собирачи рециклираат над 90 отсто од пластиката, а не се вработени

Нивната работа има значаен импакт врз чистењето на околината од отпадна амбалажа, но во борбата за обезбедување што поголема количина страда комуналната инфраструктура за селекција на отпад

Над 90 отсто од вкупно собраната отпадна пластична амбалажа во Скопје што заминува на рециклирање ги собираат неформалните собирачи. Се претпоставува дека над 800 семејства во главниот град живеат исклучиво од собирањето, а на голем број им носи дополнителна заработувачка.

Собирачите на пластика се честа слика на улиците во Скопје, најчесто се етнички Роми и лица од најнискиот социјален слој, често примачи и на социјална помош. Нивната „работа“ со пластиката трае речиси една деценија, но и покрај тоа, тие сѐ уште не се дел од официјалниот систем за селекција на отпадот во земјата. Нивната работа има значаен импакт врз чистењето на околината од отпадна амбалажа, но во борбата за обезбедување што поголема количина страда комуналната инфраструктура за селекција на отпад.


Над 800 семејства во главниот град живеат исклучиво од собирањето
Фото: Борче Поповски

Расфрлено ѓубре и превртени контејнери се многу честа слика која ги одвратува граѓаните од намерата да го одвојуваат отпадот и да дадат свој придонес за зачувување чиста средина, велат во компанијата „Пакомак“.
Иако изминатите години активно се работеше на зголемување на јавната свест за придобивките од селекцијата на отпадот и тоа дава резултати, сепак, проблемот со неформалните собирачи што ја уништуваат опремата останува актуелен.

- Во изминатите десетина години најмалку трипати ги менувавме контејнерите. Првенствено беа поставени пластични садови во трите бои: жолта за пластика, сина за хартија и зелена за стакло. Но, набрзо забележавме дека ги превртуваат и ги празнат лицата што ја препродаваат пластиката за да заработат. Потоа купивме метални, но и тие беа оштетувани, па на крај металните садови ги забетониравме за да не можат да се превртуваат. Тие чинат четирипати повеќе од пластичните, па затоа ги има само на триесетина локации низ Скопје - вели Ико Брдароски, менаџер во „Пакомак“.


Ико Брдароски, менаџер во „Пакомак“

5.200 тони пластика во 2018 е од неформалните собирачи

Од 5.500 тони пластика собрани во 2018 година, околу 300 тони се пријавени преку јавните комунални претпријатија во Скопје и општините низ земјава и преку основните училишта, каде што најмладите имаат можност да селектираат отпад.
Остатокот од 5.200 тони пластика што се предадени за рециклирање дошле од друг извор, најчесто од неформалните собирачи, што укажува на фактот дека тие мора да станат дел од системот за селекција на отпадот. На тој начин ќе ги ползуваат бенефитите на постојаното вработување и нема да ја оштетуваат инфраструктурата. Контејнери за селекција ќе може да има во секоја населба, за да им бидат што подостапни на граѓаните.
- Еден од начините за решавање на прашањето на неформалните собирачи на пластика е јавно-приватно партнерство, по примерите од многу развиени земји. Јавните комунални претпријатија и понатаму ќе го собираат комуналниот отпад, а партнерска приватна фирма да се занимава со селектираниот отпад. Тоа ќе ја обезбеди посакуваната ефикасност на поставување и празнење на кантите за селекција, приватникот ќе има мотив да ги вклучи и неформалните собирачи во системот, бидејќи ќе му бидат значајни нивните количини и нема да дозволи да не се евидентираат, како што е тоа случај сега. Во моментов законите им дозволуваат на јавните претпријатија да имаат монопол во собирањето на секој вид отпад, но повеќе од очигледно е дека тоа не функционира добро - вели Брдароски.

Вработени собирачи, сите задоволни

Обврската за празнење на жолтите, сините и зелените канти во моментов ја имаат јавните комунални претпријатија, а директорот на скопска „Комунална хигиена“, Абдусамед Шабани, вели дека тие повеќе собираат отпад околу контејнерите отколку од нив.
- Неформалните собирачи се голем проблем и за нас, низ населбите се создаваат грди слики на расфрлен отпад околу контејнерите, па ние мораме да правиме вонредни акции за расчистување за да ги мотивираме граѓаните и понатаму да ги користат овие канти. Ние самостојно не можеме многу да направиме бидејќи немаме ингеренции, ниту пак финансиски можности. Сезонски ангажираме околу сто од неформалните собирачи, но нивниот број е многу поголем и тоа не го решава проблемот - вели Шабани.


Фото: Борче Поповски

Вработувањето на неформалните собирачи неколку години е предизвик за невладината организација „Гоу грин“, која во 2018 година регистрира и ново занимање - собирач и постапувач на отпад, како дел од својата стратегија за зелени работни места. Организацијата подготви и образовна програма за собирачи на секундарни суровини која доби одобрување од Центарот за образование на возрасни, а во план е наскоро и да започнат обуки за овие лица.


Антонио Јовановски

- Со обуките ќе се започне формализацијата на собирачите на отпад, а во процедура е формирање социјално претпријатие кое ќе го организира собирањето на амбалажен отпад од станбени згради и фирми. Социјалното претпријатие ќе ги организира и алоцира собирачите по згради и фирми за собирање на примарно селектираниот отпад. Затоа е круцијално да се поттикне населението да врши примарна селекција во домовите за да може собирачите да имаат работа во текот на целата седмица, но и доволно количина за да се вработат со пристојна плата. Тие би го носеле отпадот кај претходно договорен рециклатор за пластика и хартија и тој ќе му исплаќа пари на социјалното претпријатие што ќе ги вработува собирачите - објаснува Антонио Јовановски од „Гоу грин“.
Подготвил: Сања Наумовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема