X
 11.07.2021 Живот

IQ тестовите не можат да ја измерат, но когнитивната флексибилност е клучна за учење и креативност

Интелигенцијата честопати се смета за клучен двигател на успехот, особено во области како науката, иновациите и технологијата.

Всушност, многу луѓе се интересираат за коефициентите на интелигенцијата кај познатите луѓе. Но, вистината е дека некои од најголемите достигнувања од страна на човекот првенственео се потпираат на квалитети како креативност, љубопитност и емпатија.

Многу од овие карактеристики се вметнати во она што научниците го нарекуваат „когнитивна флексибилност“ - вештина што ни овозможува да се префрлиме помеѓу различни концепти или да го прилагодиме однесувањето за да постигнеме одредени цели во ново опкружување или опкружување што се менува. Во суштина станува збор yчење како да учите и за можност да бидете флексибилни за начинот на кој учите. Ова вклучува промена на стратегиите за оптимално донесување одлуки.

Флексибилното размислување е клучно за креативноста - со други зборови, можноста да се размислува за нови идеи, да се прават нови врски помеѓу идеите и новите пронајдоци. Исто така, поддржува академски и работни вештини, како што се решавање проблеми.  За разлика од работната меморија - колку можете да запомните во одредено време - когнитивната флексибилност во голема мера е независна од IQ. На пример, многу визуелни уметници може да бидат со просечна интелигенција, но да се многу креативни и да создаваат неверојатни ремек-дела.

Наспроти верувањето на многу луѓе, креативноста е исто така важна во науката и иновациите. На пример, претприемачите кои основале повеќе компании се когнитивно пофлексибилни отколку менаџерите со слична возраст и коефициент на интелигенција.

Исто така, може да помогне во заштита од голем број пристрасности. Тоа е затоа што луѓето кои се когнитивно флексибилни, подобро ги препознаваат потенцијалните грешки во себе и користат стратегии за надминување на овие грешки.

Когнитивната флексибилност е исто така поврзана со поголема отпорност на негативни настани во животот, како и подобар квалитет на живот кај постарите лица. Може дури да биде корисно во емоционалното и социјалното спознание: истражувањата покажале дека когнитивната флексибилност има силна врска со способноста да се разберат емоциите, мислите и намерите на другите.

Спротивно на когнитивната флексибилност е когнитивната ригидност, која се наоѓа во голем број нарушувања на менталното здравје, вклучувајќи опсесивно-компулсивно нарушување, депресивно нарушување и нарушувања на аутистичниот спектар.

2
Фото: Freepik

Зголемување на флексибилноста


Добрата вест е дека се чини дека можете да обучите когнитивна флексибилност. Когнитивната бихејвиорална терапија (КБТ), на пример, е докажана психолошка терапија која им помага на луѓето да ги променат своите модели на размислување и однесување. На пример, лице со депресија кое пријател не го контактирал една недела, може да мисли дека пријателот повеќе не го сака. Во КБТ, целта е да се реконструира нивното размислување за да се разгледаат пофлексибилни опции, како на пример мислењето дека пријателот е зафатен или не може да го добие.

Структурно учење - можност за извлекување информации за структурата на комплексна средина и дешифрирање на првичните неразбирливи струи на сензорни информации - е уште еден потенцијален пат напред. Знаеме дека овој вид на учење вклучува слични фронтални и стријатични мозочни региони како когнитивната флексибилност.

Универзитетот во Кембриџ и Технолошкиот универзитет Нанјанг, во моментот работат на експеримент за да се утврди дали структурното учење навистина може да доведе до подобрена когнитивна флексибилност.

Истражувањата покажаа дека постојат придобивки од когнитивната флексибилност, на пример кај децата со аутизам. По обуката, децата покажале не само подобри перформанси кога станува збор за когнитивните задачи, туку и подобрена социјална интеракција и комуникација. Освен тоа, обуката за когнитивна флексибилност е корисна и за децата без аутизам и за постарите возрасни лица.

Како што завршува пандемијата, треба да обезбедиме дека учењето и обуката за нови вештини ќе овозможат подобра когнитивна флексибилност. Ова ќе им обезбеди поголема издржливост и благосостојба во иднина.

Когнитивната флексибилност е неопходна за подобрување на општеството. Може да помогне во зголемување на потенцијалнот на поединците и создавање на иновативни идеи и креативни пронајдоци. Токму со овие квалитети треба да се решат големите предизвици на денешницата вклучувајќи го глобалното затоплување, зачувувањето на природниот свет, чистата и одржлива енергија и безбедност на храната.

Извор: Тhe Conversation
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот