X
 11.09.2023 Култура

97-годишниот Дејвид Атенборо ќе биде наратор во емисијата „Планетата Земја III“ на Би-би-си

Во 2022 година сер Дејвид Атенборо беше домаќин на документарната серија „Замрзната планета II“. Во последната епизода се чини дека Атенборо ја упати последната молба за иднината на нашата планета. Не само поради тоа што е многу доцна да преземеме некои активности како општество, туку затоа што се чинеше дека неговата кариера пред камерите е при крај.

Сега Би-би-си објави дека Атенборо ќе се врати на екраните во текот на оваа година како водител и наратор на „Планетата Земја III“.

Атенборо ја започна својата кариера во 1954 година и стана познато име во годините што следуваа. Неговото знаење и страст за животната средина придонесоа да стане најпопуларната личност во документарниот филм за природата. Во 2006 година тој се приклучи на продукцијата на ТВ-серијата „Планетата Земја“ како наратор, повторувајќи ја својата улога 10 години подоцна на „Планетата Земја II“.

„Планетата Земја III“ почна со снимање во 2019 година, но беше одложувана поради ковид-пандемијата. Сега продукцијата е во полна пареа, а се дознава дека почнале да ги снимаат неговите воведни сцени и да ја снимаат нарацијата за серијата.

- Отворањето на серијата со Дејвид беше снимено во прекрасното британско село, токму на локацијата каде што Чарлс Дарвин шеташе додека размислуваше за своите идеи за еволуцијата - вели извршниот продуцент Мајк Гантон.

 
- Изгледаше совршено место за Дејвид да ја претстави „Планетата Земја III“ и да нѐ потсети и на чудата и на кревкоста на нашата планета - додава тој.

Брилијантноста на Атенборо е она што ги привлекува луѓето кон овие дела низ годините.

- Планетата Земја не би била планета Земја без Дејвид, па затоа сум среќен што ја претставува третата серија. Како и секогаш, тој го донесе својот огромен ентузијазам и мудрост, беше охрабрувачки за нашата нова перспектива и навистина уживаше да ги гледа извонредните нови чуда кои се претставени на екранот - додава Гантон.

Се очекува серијата да излезе кон крајот на оваа година во Велика Британија, на „Би-би-си уан“.

Извор: Mymodernmet.com
Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура