X
 11.12.2023 Образование

ПИСА-тестирање 2022: Која е тајната на успехот на сингапурската математика?

Оваа азиска земја постигна најдобри резултати во меѓународното оценување на учениците, а голема заслуга за тоа има посебниот начин на кој се предава математиката.

Но, зошто сингапурскиот математички метод е толку успешен?

ПИСА (Програма за меѓународно оценување на учениците) е систем за рангирање на образовни стандарди за 15-годишници, воведен од Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).

Учениците од Сингапур постигнаа просечен резултат од 575 поени по математика, една од трите главни области, додека просекот во 81 земја беше 472 поени.

Сингапурските власти веруваат дека математичкото образование игра важна улога во оспособувањето на луѓето да размислуваат логично и аналитички, така што децата во Сингапур почнуваат рано да ги проучуваат критичните математички процеси како што се расудување, комуникација и моделирање.

Специфичниот пристап на земјата кон предавањето на овој предмет е познат како сингапурска математика.

zemji
Фото: ВВС

Првично бил развиен од Министерството за образование на Сингапур во 80-тите години во државните училишта. Целта е децата да се фокусираат на подлабоко разбирање на темата, а во последните децении овој метод е широко прифатен низ светот во различни форми.

Кои се основните методи на сингапурската математика?

Во основата на сингапурската математика се две клучни идеи: конкретен, сликовит, апстрактен пристап и мајсторство.

Овој пристап не важи само за математиката во Сингапур и бил развиен од американскиот психолог Џером Брунер во 60-тите години. Поаѓа од фактот дека математиката може да биде тешка и за децата и за возрасните бидејќи е апстрактна. Апстрактните поими се воведуваат полека, а потоа се преминува на посложени задачи.

- Во сингапурската математика децата секогаш прават нешто конкретно. Тие собираат или составуваат коцки. Прават нешто сликовито или составуваат слики од цвеќиња, луѓе, жаби или нешто друго што е полесно за поврзување од бројките - вели Ариел Линдорф, вонреден професор по образование на Универзитетот во Оксфорд.

Преку овие различни претстави, математиката е полесна за разбирање.

Кога децата покажуваат дека добро ги разбираат конкретните и сликовитите фази на математичкиот проблем, тогаш тие напредуваат во апстрактната фаза на учење.

- Сингапурскиот математички метод не се однесува на меморирање - вели Линдорф.

Мајсторство

Друг столб на сингапурскиот математички метод е поимот „мајсторство“ - идејата дека сите ученици во паралелката напредуваат еднакво. Некој, на пример, ќе го совлада собирањето побрзо од другите.

Во сингапурската математика, на учениците кои се слаби во одредена област им се даваат дополнителни вежби за подобро разбирање на темата.

- Ова не значи дека другите треба да чекаат додека сите не го достигнат истото ниво на знаење. Ако децата го совладале собирањето, наставникот нема да им покаже нова област, туку ќе им даде дополнителни задачи за да го прошират она што веќе го знаат - објаснува Линдорф.

Овие активности можат да дадат резултати за поголем број или различни формати.

Децата кои подобро ќе го разберат проблемот, сепак, ќе ги решаваат истите задачи како и остатокот од одделението, само што ќе го направат тоа на поинаков начин.

Во сингапурската математика од клучно значење е учениците да разберат дека математиката е важна и може да ѝ се пристапи.

- Идејата е дека секој е способен да решава задачи и дека секој треба да може да ја совлада оваа област во одредена мера - вели Линдорф.

Дали овој метод може да донесе резултати надвор од Сингапур?


Методот веќе се применува во многу други земји, како што се САД, Канада, Израел, Велика Британија.

Линдорф верува дека успехот на сингапурскиот математички метод е тесно поврзан со образовната култура, општествениот контекст и историјата на Сингапур.

- Мислам дека не можете едноставно да го присвоите методот и да почнете да го применувате во други земји. Сингапур има интересна и уникатна историја. Размислувањето за промени во образованието во Сингапур е различно од размислувањето за промените во Велика Британија или САД - објаснува Линдорф.

Таа посочува и дека наставниците во Сингапур имаат подобри можности за напредување во кариерата, но и поголема поддршка во споредба со другите земји.

Еден од најважните фактори зошто Сингапур беше успешен по математика на тестот ПИСА е односот што учениците од оваа земја го имаат кон предметот.

- Прашањето е што луѓето мислат дека е придобивката од учењето математика и која е нејзината цел - додава тој.

Извор: ВВС
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование