Македонија е земја со огромен потенцијал во сферата на туризмот, особено за алтернативните форми како што се: планинарскиот, одржливиот, руралниот, културолошкиот, екотуризмот итн. Има многу за што да се работи, и од државен и од приватен план, но малку се тие што се залагаат за вакво нешто. Се надевам дека еден ден ќе бидам еден од тие што на позитивен начин ќе придонесат за нашата земја и татковина Македонија, вели Дарио Стојановски, најдобар студент на Институтот по географија
Дарио Стојановски е најдобар студент на Институтот по географија при ПМФ. Тој заврши на отсекот Туризам и ни сподели дека не ја очекувал наградата и е пријатно изненаден.
- Искрено, немав очекувања дека ќе бидат прогласен за најдобар студент на Институтот по географија и скромно го прифаќам овој успех, но мило ми е и благодарен сум за признанието, како и на факултетот што ми го овозможи тоа - споделува Дарио.
На прашањето како се одлучил да се запише на отсекот Туризам, тој вели дека ретко кога знаеме кој е вистинскиот избор за нас по завршувањето на средно образование.
- Ретко кој на 18 години е доволно зрел и доволно се познава себеси за да знае по која кариерна насока да се движи. Тоа беше случајот и со мене, но во ретроперспектива можам да кажам дека сум ја донел правилната одлука. Мило ми е што дипломирав на ПМФ, мило ми е за сите можности и мило ми е за сите пријателства и дружби - додава Дарио.
Теренски активности, пракса и вмрежување со студентските организации
За да го одржи континуитетот во просекот и успехот, мотив му била желбата за стекнување нови знаења.
- Не секогаш, но најчесто главниот поттик беше желбата за стекнување знаење, подобрување на себеси и воспоставување солидна основа на која дополнително можам да се надградувам. Никогаш не ми беше цел оценката, тоа само сум го гледал како нуспроизвод на студирањето. На периоди студирањето беше напорно и динамично, особено кога пробував да бидам активен во повеќе сфери. Сепак, во името на искуство, секогаш се трудев да бидам истраен и дисциплиниран. За време на студиските години успеав да се диверзифицирам на повеќе полиња, дури и на оние „подалечни“ на туризмот и географијата. Навлегов во водите на екологијата, спелеологијата и алтернативните форми на туризмот, особено планинарскиот, руралниот и екотуризмот - ни изјави Дарио.
Теренските активности, праксата, како и вмрежувањето со студентските организации како што се ИДСБ, ИЗСГ „Природник“ е она што го издвојува како нешто што најмногу го интересира.
Се надевам дека ќе имаме туристи од сите краеви на светот
Периодов Дарио е посветен на нови предизвици и се доквалификува за неколку лиценци.
- Моментално се доквалификувам со неколку лиценци: планинарски водич, туристички водич и придружник, како и раководител на туристички агенции и работам хонорарно надвор од мојата струка како електричар. Немам конкретни планови, но знам дека евентуално, со истрајност и дисциплина, ќе си се наредат коцките на своето место. Секогаш ги имам постдипломските студии како опција (по можност во странство), но одлучив дека годинава не е време за нив. Од друга страна, Македонија е земја со огромен потенцијал во сферата на туризмот, особено за алтернативните форми како што се: планинарскиот, одржливиот, руралниот, културолошкиот, екотуризмот итн. Има многу за што да се работи, и од државен и од приватен план, но малку се тие што се залагаат за вакво нешто. Се надевам дека еден ден ќе бидам еден од тие што на позитивен начин ќе придонесат за нашата земја и татковина Македонија. Се надевам дека ќе имаме туристи од сите краеви на светот кои ќе придонесат не само на економски план, туку и за конзервација, одржливост и долговечност на нашите природни и културолошки вредности - подвлекува нашиот соговорник.
Фото: приватна архива