X
 01.12.2022 Наша тема

Уништениот статус на наставникот, ниските плати, студирање во странство - причини што на наставна физика годинава е запишан само еден студент, велат професори од ПМФ

Во последните неколку години нашата држава се соочува со недостиг на професори по природни науки, а особено по физика. Особено е поразително што годинава по трите уписни рока на насоката наставна физика е запишан само еден студент.

Иако постои голем интерес кај учениците од основните и средните училишта за учество на натпревари од природните науки, интересот да го продолжат образованието на наставните насоки за да станат професори е навистина мал. Нашата држава е многупати закитена со златни медали од натпревари и олимпијади, но сепак учениците не сакаат да станат наставници и професори и да им го пренесуваат своето знаење на учениците.

За тоа кои се причините што има многу мал интерес за наставна физика, разговаравме со професори од Институтот по физика при ПМФ.

Професорите што предаваат на насоката по физика на Природно-математичкиот факултет покажуваат голема загриженост за тоа што ретко кој студент се одлучува да го студира тоа. Раководителот на Институтот по физика од ПМФ, Даница Крстовска, која е и професор по математичка физика, потврди дека со проблемот за недостиг на професори се соочува образованието на регионално ниво, а не само во Македонија.


Проф. д-р Даница Крстовска

- Се соочуваме со голем проблем со дефицит на студенти по наставна физика, но со истиот проблем се соочуваат и соседните држави. На пример, на Универзитетот во Белград има само еден запишан на насоката по физика. И кај нас ситуацијата е иста. Во оваа учебна година имаме само еден студент запишан на наставната насока. Од друга страна, пак, се соочуваме со недостиг на наставен кадар во основните и средните училишта во државата. Според мене, не може да се одвои една причина зошто интересот за наставна физика е мал, има повеќе причини за тоа: притисокот во школите, малите плати, случувањата во општеството, попримамливи се другите насоки - астрономија, астрофизика, медицинска физика, и често матурантите одбираат да студираат во други земји. Нашите студенти од наставната насока во текот на студирањето изведуваат и студентска пракса по училиштата во државата, така што спремни се веднаш по завршувањето на студиите да бидат вклучени во образовниот процес. Дополнително, дел од нашите студенти, по завршувањето на студиите заминуваат на доусовршување во странство. Потоа, некои од нив се враќаат назад во земјата, но некои остануваат да живеат и да работат во странство. Тоа уште повеќе придонесува за поголема дефицитарност на ваков вид кадар во државата. Ние правиме сѐ за да ги привлечеме студентите на нашите насоки. Организираме натпревари, се доделуваат и стипендии за дефицитарни кадри од страна на Владата, работиме на подобри кампањи за промоција на насоките, организираме и отворени денови, но исходот е тој - вели професорката Даница Крстовска.

Боце Митревски, професор по методика на наставата по физиката на ПМФ, смета дека проблемот поврзан со малиот интерес за наставната насока по физика (и општо за студиите на физика) делумно е во тоа што учениците немаат добра основа. Така, еден дел од проблемот е поврзан со основното и средното образование што го стекнуваат учениците. Тој вели дека порано студентите се запишувале на студии со солидни предзнаења.


Проф. д-р Боце Митревски

- Состојбата во последниве дваесетина години е изменета. Порано, гимназиите овозможуваа профилирана подготовка за природно-математичка насока уште од прва година средно образование. Сега тоа го нуди само една гимназија. За среќа, успешно функционираат повеќе друштва и здруженија каде што заинтересираните ученици може да се надградуваат. Но проблемот со општите основни знаења на популацијата ученици останува. Понатаму, општата слика за институциите и начинот на кој функционираат, општествените текови и слично ја отсликува и состојбата во образованието. Многу матуранти изгубиле доверба во институциите, не сакаат да се покоруваат на политички или слични влијанија. Тие се свесни за големата мисија што ја има наставникот, но истовремено ги обесхрабрува положбата и статусот на наставниците. Во нив има потенцијал, но недостига верба, мотивација. Тоа не ги прави среќни. Затоа ја избегнуваат таа професија и често купуваат билет во една насока - сподели професорот Боце Митревски.

Претседателот на Друштвото на физичари на Република Македонија (ДФРМ), д-р Ламбе Барандовски, кој е и вонреден професор на Институтот по физика при Природно-математичкиот факултет во Скопје, активно е вклучен во спроведувањето на натпреварите во основните и во средните училишта, организирани од ДФРМ согласно акредитацијата добиена од МОН, смета дека уништениот статус на наставникот е една од главните причини зошто е мал интересот за наставната насока по физика.

- Друштвото на физичарите на Република Македонија веќе седма деценија ги спроведува натпреварите во средните училишта и повеќе од 4 децении ги организира натпреварите во основните училишта. Оваа година беше 44. пат како ја организираме и Школата „Млади физичари“, на која учениците имаа можност да проследат предавања од актуелни теми од физиката, а и да учествуваат на натпреварот во рамките на школата. Овој натпревар се состои од експерименти, демонстрации кои учениците ги подготвуваат дома или во училиштата со нивните наставници, а потоа ги презентираат пред комисија (професори и асистенти од факултетот) и публика. Најуспешните ДФРМ ги наградува со диплома и скромна награда. Целта на школата и на натпреварот е повеќе промоција на знаењето од оваа област - вели професорот.


Проф. д-р Ламбе Барандовски

Тој како организатор на натпреварите по физика е сведок за големиот интерес на учениците да се занимаваат со физика, со теорија и експерименти и спротивно на ова, падот на нивниот интерес за студирање на наставната насока.

- Многу често желбата на ученикот да студира некоја насока зависи и од ангажманот на наставникот во основно и во средно училиште. Нашите најдобри ученици од натпреварите најчесто студираат физика, меѓутоа, на другите насоки на Институтот за физика или, пак, на факултети надвор од Македонија, но не и на наставната насока што би значело подоцна кариера во средните училишта во Македонија. Според мене, уништениот статус на наставникот е една од главните причини зошто е мал интересот за наставната насока по физика. Проблемот со кој се соочуваме е проблем и на многу други држави на Балканот и во Европа и единствено можно решение, според мене, е унапредувањето на статусот на наставник во државата, промоција на наставничката работа и овозможување добри услови за работа и добри примања на наставниците во училиштата кои би значеле достоинствен живот - заклучува Барандовски.

Фото: приватна архива
Подготвил: Јована Трајковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема