X
 12.02.2025 Технологија

„Викиток“ нуди знаење од „Википедија“ во формат на „Тик-ток“

Во свет каде што алгоритмите го диктираат нашето онлајн искуство, „Викиток“ нуди освежувачка промена – платформа што комбинира формат сличен на „Тик-ток“ со богатото знаење на „Википедија“, но без наметливи алгоритми.

Што е „Викиток“?


„Викиток“ е нова апликација што им овозможува на корисниците да скролаат низ бесконечна низа случајни статии од „Википедија“, слично како што би гледале тик-ток видеа, „инстаграм-рилс“ или „јутјуб-шортс“. Наместо алгоритамско селектирано и персонализирано почетно поле, „Викиток“ овозможува спонтано откривање на нови и неочекувани информации.

Апликацијата е едноставна, без реклами, видеа и нотификации – трик што го користат многу социјални мрежи за да ве „заглават“ во бесконечно скролање. Наместо тоа, „Викиток“ нуди платформа која е едукативна, но сепак лесна за користење.

Како функционира?

„Викиток“ работи преку мобилни и десктоп-прелистувачи. Корисниците листаат низ случајно избрани статии од „Википедија“. Секоја статија е претставена со слика, а ако некоја тема ви го привлече вниманието, можете да кликнете на „Прочитај повеќе“ за да ја отворите целосната страница на „Википедија“.

Создавачот на платформата, Исак Џемал, инсистира дека главната страница ќе биде случајна, без алгоритми што ќе ги следат интересите на корисниците и ќе им прикажуваат персонализирани содржини.

- Веќе сме под контрола на безмилосни, нетранспарентни алгоритми во нашиот секојдневен живот. Зарем не можеме да имаме барем еден мал дигитален простор без нив? - вели Џемал.

Потеклото на „Викиток“


Идејата за „Викиток“ се родила од твитот на развивачот Тајлер Ангерт, кој пишувал за интересна идеја - цела „Википедија“ на една бесконечна страница што може да се листа.

На крајот, идејата ја видел Џемал, кој за само неколку часа создал минимално одржлива верзија (MVP) и ја споделил со заедницата.

Антиалгоритамска револуција?


„Викиток“ поддржува 14 јазици, има можност за споделување статии и прегледи на содржини. Џемал е јасен во својата визија: „Викиток“ нема да стане комерцијална платформа со сложени алгоритми за монетизација.

- Немам никакви планови за некој монетизиран, прецизно пресметан алгоритам во стилот на „Тик-ток“. Ако ништо друго, „Викиток“ е антиалгоритамска платформа - вели тој.

Извор: Interestingengeneering.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија