X
 12.03.2020 Наука

Астронаутите ќе одгледуваат органи на Меѓународната вселенска станица

Астронаутите почнуваат да растат нови органи на Меѓународната вселенска станица.
Експериментот претставува обид да се создаде човечко ткиво со испраќање возрасни човечки матични клетки во вселената, овозможувајќи им да растат во вселената.

На крајот, надежта е дека матичните клетки ќе се развијат во коска, 'рскавица и други органи. Доколку е успешно, откритијата би можеле да се искористат за да се одгледуваат органи за трансплантација, велат научниците.

Експериментот ја користи „бестежинската состојба како алатка“, вели Кара Тиел, еден од двајцата истражувачи од Универзитетот во Цирих.

Недостигот на гравитација на Меѓународната вселенска станица ќе се искористи за да се охрабрат матичните клетки да прераснат во ткиво во три димензии, за разлика од еднослојните структури што се формираат на Земјата.

Експериментот го спроведуваат астронаутите што се наоѓаат на Меѓународната вселенска станица, со помош на „мобилна мини-лабораторија“ која била испратена со ракетата „Спејсекс“ во текот на минатата недела. Експериментот ќе трае еден месец, а во тој период научниците ќе внимаваат и ќе набљудуваат како растат матичните клетки.

vselena
Фото: Pixabay

Ако е успешен, тие се надеваат дека од мала лабораторија ќе преминат во поголемо производство. Оттаму тие би можеле да го искористат процесот за генерирање ткиво за трансплантација со земање клетки од пациенти или генерирање материјал сличен на орган што може да се користи за тестирање на лекови или обезбедување дека функционира за специфични пациенти или намалување на бројот на животни што се користат во експерименти.

На Земјата ткивото расте во „еднослојни“ култури, создавајќи рамно 2Д-ткиво. Но, истражувањата и во вселената и на Земјата укажуваат на тоа дека во микрогравитацијата клетките покажуваат просторно неограничен раст и се собираат во сложени 3Д-агрегати, вели Оливер Улрих, кој исто така го води истражувањето.

По едномесечниот експеримент, научниците ќе ги вратат примероците и очекуваат да видат успешно формирање на „органоиди“ - помали, поедноставни верзии на органи во цевките за тестирање.

Научниците сè уште не се сигурни зошто условите на Меѓународната вселенска станица доведуваат до создавање на сложени 3Д-структури на ткиво. Професорот Улрих и другите научници продолжуваат да истражуваат како комуницираат гравитационата сила и молекуларната машинерија во клетката за да создадат нови и различни видови ткива на Земјата и во вселената.

Извор: The Independent
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука