X
 24.12.2018 Наука

Човечките болести се вистинска закана за пингвините што живеат на Антарктикот

Научниците веќе долго време мислеа дека животните на Антарктикот се изолирани од штетните бактерии поврзани со човекот. Но сега ново истражување дава докази дека тоа повеќе не е така.

Научниците првпат откриле широко распространети докази за патогени поврзани со човекот меѓу морските птици на Антарктикот, за кои велат дека би можеле да имаат катастрофални последици врз дивиот свет на континентот.

- Ова е првпат вакво широко истражување, во однос на географијата и видот на птици, да се спроведе во Јужниот Океан, што покажува разумно цврсти докази за обратна зооноза на Антарктикот - вели авторот на истражувањето, Џејкоб Гонзалез-Солис, истражувач во Одделот за зоологија и биолошка антропологија на Универзитетот во Барселона.

Научниците откриле дека пингвините и други видови птици имале бактерии како кампилобактерија и салмонела. Тимот зел примероци од изметот од повеќе 600 возрасни морски птици на четири локации - островот Ливингстон, островот Марион, островот Гуф и Фолкландските Острови - помеѓу 2008 и 2011 година, со три наоди што укажуваат на „обратна зооноза“ - термин што се користи за пренесување бактерија од луѓето на животните.

пингвини

Примероците покажале кампилобактерија јејуни, честа причина за труење со храна во САД и во Европа, вклучувајќи и генотипови што ретко или никогаш не биле пронајдени кај дивите птици. Тимот открил дека овие видови биле отпорни на најчесто користените човечки и ветеринарни антибиотици ципрофлоксацин и енрофлоксацин, што укажува на заразување од луѓето или домашните животни.

Иако овие бактерии не се поврзани со високи стапки на смртност кај животните, нивното присуство покажува дека други, поопасни патогени може да стигнат на континентот, вели авторот на истражувањето, Марта Церда-Куелар, истражувач на Институтот за истражување и технологија во Барселона.

- Ако овие патогени може да стигнат на Антарктикот, тогаш може да стигнат и други - додава Марта. А тоа може да има катастрофални последици.

- Ова значи дека порано или подоцна човечката активност ќе ги доведе патогените до антарктичката фауна, со што би биле предизвикани масовни смртни случаи, па дури и исчезнувања - вели Гонзалес-Солис.

Иако истражувањето вели дека доказите за обратна зооноза се прилично цврсти, авторите не се сигурни како птиците дошле во контакт со бактериите.

- Постојат различни можности, а најголема веројатност е контактот меѓу Антарктикот и субантарктичката фауна кај домашните птици во субантарктичките заедници како што се Фолкландските Острови, но исто така може да бидат наследство од антарктичките истражувачки станици и растот на антарктичкиот туризам - вели Гонзалес-Солис.

Поради зголемувањето на бројот на туристи, кои би можеле да бидат потенцијалните виновници, авторите препорачуваат построги контроли за посетителите.

- За да се спречат патогените, потребни се построи мерки за биосигурност со цел да се ограничи влијанието на луѓето во Антарктикот - вели Серда-Куелар.

Според Џонас Бонедал, предавач по клинички науки на Одделот за клиничка и експериментална медицина на Шведскиот универзитет „Линкопинг“, голем дел од вината ја сносат истражувачките бази.

- Мислам дека е фер да се каже дека постојаните истражувачки бази се виновни, а не туристичката индустрија - вели тој. Сепак, тој се согласува дека порастот на бројот на туристите е загрижувачки.

Бројот на посетители на Антарктикот постојано се зголемува, со 44.367 туристи што патувале во текот на сезоната 2016-2017. Локалните жители ја наведоа загриженоста за влијанието врз животната средина врз нејзиниот кревок екосистем, како и преголемата зависност од странските посетители.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука