X
 12.05.2025 Живот

Што вели еден од последните живи осуденици од „Алкатраз“ за планот на Трамп повторно да го отвори

Кога Чарли Хопкинс размислува за трите години што ги поминал во еден од најславните американски затвори, главно се сеќава на мртвата тишина.

Во 1955 година Хопкинс бил испратен во „Алкатраз“ - озлогласениот затвор на остров покрај брегот на Сан Франциско - затоа што правел проблеми во другите затвори во кои служел 17-годишна казна за киднапирања и грабежи.

Додека навечер тонел во сон во ќелијата на островот, како што вели тој, единствениот звук што можел да го слушне биле сирените од бродовите што минувале. Сега има 93 години и живее на Флорида, а Националниот архив на Сан Франциско го известил дека веројатно е последниот преживеан поранешен затвореник од „Алкатраз“. Минатата година излезе дека и поранешниот затвореник Вилијам Бејкер сѐ уште е жив.

Хопкинс го опишал животот во „Алкатраз“, кој бил и основа за филмот „Карпата“ од 1996 година.

Иако затворот е затворен со децении, американскиот претседател Доналд Трамп неодамна изјави дека сака повторно да го отвори како федерален затвор.

Хопкинс раскажува дека во затворот немало што да се прави - во тоа време немало радио и имало многу малку книги, па останувало само да се шета по ќелијата или да прави склекови. Тој делумно го убивал времето работејќи како чистач.

Островот од 22 акри, оддалечен околу 2 километри од Сан Франциско и опколен со ледена вода со јаки морски струи, првобитно бил тврдина за поморска одбрана. Реконструиран е на почетокот на 20 век како воен затвор. Американското министерство за правда го презело во 30-тите години, претворајќи го во федерален затвор за да се избори со големиот број припадници на организираниот криминал во тоа време.

Дури и во затвор со максимална безбедност, Хопкинс вели дека успевал да влезе во неволји и минал многу денови во самиците каде што ги држеле затворениците што се однесувале непримерно и ретко биле пуштани надвор. Неговиот најдолг престој во самица бил шест месеци, а бил пратен затоа што се обидел да им помогне на неколку други затвореници, меѓу кои и крадецот на банки Форест Такер, да побегнат од затворот. Планот не успеал, па сите биле затворени.

Поради тоа што со текот на годините сѐ повеќе затвореници се обидувале да избегаат од затворот, биле заострени безбедносните мерки и кога Хопкинс го напуштил во 1958 година, како што вели тој, безбедноста била толку силна што не се дишело.

Затворот е затворен неколку години подоцна и сега е јавен музеј кој годишно го посетуваат милиони туристи и заработува околу 60 милиони долари. Зградата е запустена, од ѕидовите во ќелиите бојата паѓа, цевките се 'рѓосани, а тоалетите распаднати. Сепак, Трамп неодамна изјави дека сака неговата влада повторно да го отвори и прошири затворот за најсверипите и најнасилните престапници.

Сепак, експертите и историчарите велат дека предлогот на американскиот претседател е неодржлив затоа што би биле потребни милијарди долари за да се реновира и осовремени соодветно на другите федерални установи. Хопкинс се согласува.

- Би било многу скапо. Во минатото канализацијата се слеваше во океанот. Би морале да смислат некој друг начин како да го решат тоа - вели тој.

Овој жесток поддржувач на Трамп, кој од „Алкатраз“ излегол само пет години пред да го затворат, смета дека предлогот на претседателот не е сериозен.

- Тој не сака навистина да го отвори тоа место - вели Хопкинс.

Додава дека Трамп се обидел да изнесе аргументи во јавноста за казнувањето на криминалците и оние што илегално влегуваат во САД.

Извор: BBC
Фото: Pixabay
Подготвил: Билјана Спиркоска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот