X
 12.10.2021 Здравје

Луѓето со хронична несоница може да имаат зголемен ризик за висок крвен притисок

Околу 50 отсто од здравите лица имаат повремена, а 15 до 20 отсто хронична несоница, која може сериозно да влијае врз квалитетот на животот

Несоницата и неквалитетниот сон, по кој се будиме уморни, се проблеми од кои патат повеќе од 50 отсто од жителите на развиениот свет. Лекарите предупредуваат дека нетретираната несоница може да го наруши здравјето исто како и високиот крвен притисок. Суплементите за поквалитетен сон, кои многумина ги користат како лек против несоница, се од мала помош ако со нив се обидуваме да третираме сериозно нарушување на спиењето.

Несоницата ги влошува соматските и психичките болести

Ретко кој додаток ќе помогне наутро да не се чувствувате како да сте трчале маратон ако причината за проблемот е нарушување на спиењето. Експертите велат дека ова нарушување, кое влијае врз секојдневното функционирање, не се лекува со никакви додатоци, туку само со квалитетна и стручна терапија. Според некои податоци, најмалку 50 отсто од здравите лица имаат повремена, а од 15 до 20 отсто хронична несоница, која може сериозно да влијае врз квалитетот на животот, но и да ги влоши соматските и психичките болести.

Хроничната несоница го зголемува ризикот од хипертензија за 300 пати

Луѓето со хронична несоница може да имаат зголемен ризик од висок крвен притисок, покажува истражување направено во Кина. Во студијата биле опфатени повеќе од 200 лица со хронична несоница и речиси 100 лица со нормален сон. Просечната старост им била 40 години. Имено, истражувачите откриле дека луѓето со хронична несоница, на кои им биле потребни повеќе од 14 минути за да заспијат, имаат 300 пати повисок ризик од висок крвен притисок. Колку подолго време им требало да потонат во сон, толку е поголем ризикот. Иако со оваа студија била пронајдена врска меѓу проблемите со спиењето и покачениот крвен притисок, таа не е создадена за да докаже дали недостигот од сон всушност предизвикувал повисок крвен притисок.

Хроничната несоница и тешкотиите со спиењето може да траат и подолго од половина година. Иако несоницата веќе долго време се смета за нарушување на ноќното спиење, некои истражувања посочуваат дека тоа е состојба на 24-часовна поголема возбуденост, сметаат авторите на студијата.



Две причини за несоница

Постојат две главни причини за несоницата - тоа се нарушувањата на спиењето, кои ги лекуваат експерти, и лошите навики, каде што од помош некогаш може да бидат и суплементите и некои природни чаеви. Суплементите за поквалитетен сон, како што предупредуваат експертите, не се магични стапчиња и не можат да променат некои лоши навики. Лицата што користат помошни средства за спиење веруваат дека тие ќе им помогнат да ја излекуваат причината за нарушувањето на спиењето. Експертите предупредуваат дека тоа е речиси невозможно.

- Додатоците можат да го поддржат здравиот сон и да ги ублажат помалите проблеми, но ако имате нарушување на спиењето, вклучително и несоница, тие лекови тешко дека ќе помогнат - вели Мајк Гренер од Универзитетот во Аризона.

Земањето додатоци за спиење за хронична несоница е исто како кога би очекувале пастата и четката да ни го решат проблемот со кариесот или кривите заби, објаснува тој. На крајот од денот ќе морате да го лекувате кариесот или да си ставите протеза за исправување на забите.

Луѓето имаат преголеми очекувања од суплементите. Во случај проблемите со спиењето да го нарушуваат квалитетот на вашиот живот, подобро е да пристапите со стручно лекување. Ако сакате само поквалитетен сон, американските експерти тврдат дека некои суплементи може да бидат од помош, но нагласуваат дека, пред сè, треба да се обидете самите да си помогнете.



Креветот нека биде само место за спиење

Некои добри животни навики можат сами по себе да обезбедат добар сон. Суплементите нема да помогнат да спиете квалитетно доколку се храните нездраво или не сте активни физички. Креветот нека ви биде само место за спиење. Навикнете го телото на тој факт. Избегнувајте лежење во креветот по алармот за будење, настојувајте да не дремнувате преку ден, обидете се да работите нешто неколку минути за да ја совладате потребата за сон во текот на денот.

Знајте дека нашите тела не можат со копче да се натераат да спијат. Одредено време пред да си легнете прекинете ги сите активности, не гледајте телевизија, не праќајте е-пошта. Обидете се да го смирите телото и да го подготвите за сон.

- Најдобрите суплементи нема да ви обезбедат сон по ден исполнет со пиење кофеин и алкохол - вели Гренер.

Неговиот совет е да го ограничите внесот на кофеин, особено во попладневните и вечерните часови. Избегнувајте ги алкохолните пијалаци и цигарите. Во случај да користите суплементи за поквалитетен сон, внимателно следете ги упатствата на производителот. Доколку сте трудни, доите или земате други лекови, псоветувајте се со лекар.

Извор: eklinika
Фотографии: Freepik
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје