X
 30.11.2016 Здравје

Застрашувачките последици од несоницата

Нуспојавите од неспиењето се такви што луѓето кои малку спијат ни изгледаат како да се под дејство на психоделични дроги.

Долготрајното одржување на затворениците будни е забрането дури и за најозлогласените терористи во американските затвори. Како што е запишано во неодамна објавениот таен извештај, ЦИА своевремено ги држела будни затворениците по 180 часа.

„Најмалку петмина затвореници искусиле вознемирувачки халуцинации во текот на будниот период, но ЦИА барем во два случаи ги продолжила истражувањата“, стои во извештајот.

Во извештајот не пишувало какви биле халуцинациите, а не се ни дискутирало многу што ги предизвикувало да се појават.

Џес Вландерен од Нов Зеланд одлучила сама да експериментира со несоницата, за да види какви халуцинации може да искуси. Во 2012 година, не спиела повеќе од четири дена во низа. Вели дека самата сакала да ја тестира издржливоста на карактерот и да открие дали е возможно да халуцинира без употреба на психоделични дроги. Си докажала дека и тоа како е возможно.

Епилептични напади

„Имав чувство дека пред мене се наоѓа шарена и комплексна вселена, иако бев целосно будна“, раскажала Вландерен за „Вајс“.

Една од нуспојавите биле фокалните напади, кои обично се поврзани со епилепсијата. Имајќи предвид дека таквите напади погодуваат само одредени делови во мозокот, сепак симптомите се различни – од зјапање во празно, па сè до соблекување и повторно облекување во текот на нападот.

Луѓето најчесто не се сеќаваат на нападите. Самата Џес признала дека не се сеќава на нападот. „Еден пријател ми кажа дека сум била комплетно изгубена. Сум мавтала со главата лево-десно и истовремено сум разговарала со него. После тоа не сум можела да престанам да се смеам“, рекла таа.

Напади на зомбија

Кога станува збор за халуцинациите, после првите 24 часа тие се зачестуваат. „Луѓето и објектите ми станаа смешни, како да сум во цртан филм. Автомобилите почнаа да лебдат, сенките висеа на дрвјата, на улица ме напаѓаа зомбија. Имав чувство дека можам да ги контролирам облаците, бидејќи ми изгледаше како да се менуваат. Кога бев во продавница, имав чувство дека предметите од полиците ме следат наоколу. Полиците беа искривени и прашање на време беше кога ќе паднат“, се потсетува таа.

Дани Екерт од австралискиот универзитет во Нов Јужен Велс е стручњак за спиење и невронаука. Тој вели дека сите живи клетки испуштаат отпадни хемикалии во текот на денот, а за мозокот најважен е аденозинот. „Кога луѓето се будни, во мозокот се собира аденозин. Вишокот аденозин може да доведе до халуцинации“, вели Екерт.

Биологијата нè учи дека клетките во телото ја разградуваат глукозата на аденозин трифосфат (ATP), што се користи како енергија. Интересно е што камен-темелник на ATP е токму аденозинот што нè успива. Во лабораториските истражувања, научниците им вбризгувале аденозин на животните и откриле дека тој ги успива.

Смрт од несоница

И покрај јасната поврзаност на аденозинот со спиењето, некои научници се сомневаат во поврзаноста на аденозинот и халуцинациите. Шон  Драмонд од универзитетот Монаш вели дека многу нешта зависат од генетските предиспозиции. „Ако некој е склон на психози, тогаш недостатокот од сон би можел да ги влоши вродените симптоми на психоза. Од друга страна, тоа не им се случува на здравите луѓе“, рекол Драмонд.

Иако сите сме свесни за уморот и недостатокот од концентрација после непроспиена ноќ, постојат и некои многу посериозни нуспојави од халуцинациите. Пред две години, еден закоравен кинески навивач умрел после 48 часа додека гледал светско првенство во фудбал. Доживеал крварење во мозокот, што довело до мозочен удар и смрт.

Смртта од недостаток од сон првпат е забележана пред повеќе од еден век, кога руската научничка, Марија Мансеина, ги држела будни кучињата. Открила дека умираат во рок од неколку дена без спиење.

Независно од сите негативни последици, Jess рекла дека без размислување би им препорачала на другите да се обидат со нејзиниот експеримент. Вели дека многу научила за сопствената упорност и духовност. „Сè додека имате добар пријател да внимава на вас, би требало сè да биде во ред“, рекла Вландерен.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје