X
 13.03.2026 Технологија

„Фејсбук“ и „Вацап“ ги зголемуваат цените на рекламите во Европа

Компанијата „Мета“ соопшти дека ќе почне да наплаќа дополнителен надомест за огласувачите, во висина од 2 до 5 отсто, со цел да ги покрие даноците за дигитални услуги што ги воведоа некои европски држави.

Американскиот технолошки гигант во објава на својата веб-страница наведе дека надоместот ќе се применува за сликовни и видеореклами прикажани на неговите платформи.

Одлуката се однесува и на кампањи на платформата „Вацап“ со опцијата „кликни за испраќање порака“, како и на маркетиншки пораки поврзани со реклами.

Новата мерка ќе почне да се применува од 1 јули, а ќе опфаќа и други владини давачки.

Што претставува дигиталниот данок?


Со оваа одлука „Мета“ ги следи чекорите на компаниите „Алфабет инк.“ и „Амазон“, кои веќе воведоа слични надоместоци.

Компанијата наведе шест држави во кои ќе се применуваат овие такси: од 2 отсто во Обединетото Кралство, 3 отсто во Франција, Италија и Шпанија до 5 отсто во Турција.

Дигиталниот данок се наплатува како процент од приходот што големите технолошки компании го остваруваат во одделни земји.

Овој вид оданочување предизвика критики од Вашингтон, кој смета дека ваквите даноци дискриминираат американски технолошки компании.

Извор: 6yka.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија