Се појавија многу дезинформации поврзани со Ковид-19, болеста предизвикана од новиот коронавирус. Имаше идеја дека пиењето избелувач може да го убие коронавирусот, а кружеше и шпекулација дека вирусот бил создаден во лабораторија како биолошко оружје.
Според ново истражување, се појавиле над 2.000 дезинформации и теории на заговор поврзани со пандемијата. Лажните информации може да имаат сериозни последици. Истражувачите во новото истражување откриле дека шпекулациите поврзани со Ковид-19 предизвикале хоспитализирање на илјадници луѓе и стотици смртни случаи.
Фото: Freepik
Само една лажна вест за консумирање високо концентриран алкохол како лек против коронавирусот предизвикала над 5.900 хоспитализации, 800 смртни случаи и слепило кај 60 луѓе поради труење со метанол. Голем дел од овие случаи се од Ирак, каде што алкохолните пијалаци се забранети.
Во Индија 12 луѓе, меѓу кои и 5 деца, се разболиле откако пиеле напивка направена од отровно семе за кое верувале дека е лек за Ковид-19.
За потребите на истражувањето, научници, доктори и епидемиолози анализирале содржина на социјалните мрежи, весници и ТВ од декември 2019 до април 2020. Тие забележале над 2.300 различни дезинформации или теории на заговор поврзани со
Ковид-19, на 25 јазици од 87 земји.
Од нив 89% биле непроверени тврдења, 8% биле теории на заговор и 3,5% биле случаи во кои луѓето биле дискриминирани поради болеста, патување, изложеност на заразени лица или етничко потекло. На пример, бил забележан случај во Украина кога луѓе каменувале автобуси што превезувале лица евакуирани од Вухан, Кина.
Фото: Freepik
Како и пандемијата, дезинформациите се појавувале во бранови. Првиот бран се појавил помеѓу 21 јануари и 13 февруари, вториот помеѓу 14 февруари и 7 март, а третиот помеѓу 8 март и 31 март. Најмногу дезинформации имало во третиот бран, велат авторите.
Една четвртина од дезинформациите биле поврзани со болеста, пренесувањето и смртноста, а дополнителни 19% биле за третмани или лекување на болеста. Имало шпекулации за пиење избелувач, јадење лук, навлажнување на грлото, одбегнување зачинета храна, пиење витамин Ц, па дури и пиење урина од крава како лек или превенција за болеста. Околу 15% од дезинформациите биле поврзани со причини и потекло на болеста.
Авторите препорачуваат редовно да се објавуваат точни информации за болеста од страна на владите и здравствените установи. Освен тоа, тие треба да бидат поактивни во споделувањето на точните информации на социјалните мрежи.
Автор: Рејчл Ретнер
Извор:
livescience.com