X
 13.08.2025 Живот

Интервју со проф. д-р Владимир Атанасовски, декан на Факултетот за електротехника и информациски технологии: „ФЕИТ нуди квалитет ист како факултетите во странство“

Последниве години ФЕИТ бележи зголемен интерес за упис кај средношколците. На што го припишувате овој тренд и што го издвојува ФЕИТ од останатите технички факултети во земјата?

Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) постојано е посветен на одржување и надградување на квалитетот на наставниот процес, условите за студирање и можностите за вработување на своите студенти. Постојано го следиме технолошкиот развој и ги прилагодуваме наставните програми на реалните потреби на пазарот. Се грижиме за квалитетот на наставата преку одржување на соодносот на академски кадар наспроти бројот на студенти, согласно светските критериуми за квалитет во инженерски дисциплини. Константно инвестираме во нашите просторни капацитети и лаборатории. Нудиме менторство и практична настава што ги подготвува студентите за иднината. Први воведовме партнерска програма за соработка со стопанството како концепт во високото образование во Македонија. Партнери ни се најголемите и најзначајните компании од секторите кои ги покриваме. Организираме голем број работилници, школи и натпревари за средношколци и студенти со кои се обидуваме да им ја доближиме електротехниката и информациските технологии. Верувам дека средношколците и нивните родители ги препознаваат сите наши напори и го гледаат ФЕИТ како институција која нуди врвно техничко образование, одлични услови за студентите, силна поврзаност со индустријата и стабилни можности за вработување.



Факултетот поседува престижна ASIIN акредитација од Германија за сите свои студиски програми на прв циклус. Што значи оваа акредитација за студентите и како влијае врз нивните идни можности, особено на меѓународен план?

ASIIN акредитацијата е потврда дека нашите студиски програми ги исполнуваат европските и меѓународните стандарди за квалитет. Практично, сакаме да порачаме на средношколците дека квалитетот кој го бараат во странство може да го добијат и кај нас на ФЕИТ. Со ASIIN, нашите дипломци добиваат диплома со меѓународна вредност и полесен пристап до работа или продолжување на студии во странство. Веќе имаме информации од наши дипломирани колеги кои заминале на магистерски во странство дека токму оваа препознатливост со ASIIN им овозможила полесно интегрирање во новата средина. За нас, тоа е дополнителна гаранција за квалитетот на знаењето што го стекнуваат студентите на ФЕИТ.



Како ФЕИТ се прилагодува на брзиот технолошки развој, особено во домените на вештачка интелигенција, енергетика и телекомуникации?


Нашиот академски кадар е постојано активен во голем број меѓународни проекти и истражувања преку кои ги следи сите актуелни технолошки достигнувања. Ова меѓународно вмрежување овозможува постојан увид во технолошкиот развој и можност за обновување на наставните програми со теми кои ги покриваат најактуелните технологии. Уште повеќе, работата на голем број проекти и истражувања отвора можност за вклучување на студентите, овозможувајќи да работат на реални проекти и да стекнат практично искуство уште за време на студиите. Исто така, ФЕИТ постојано организира разни работилници и школи на кои доаѓаат врвни предавачи за да го споделат своето знаење со нашите студенти. Како резултат на сето ова, нашите студенти и професори се истакнуваат во иновацискиот екосистем на меѓународно ниво. Наши студенти креираа јазичен модел способен да ги разбере и обработува спецификите на македонскиот јазик, за што неодамна добија награда на престижна меѓународна конференција. Наши професори работат на сателитски технологии за европската вселенска агенција преку швајцарски стартап, а во таа соработка се вклучени и неколку студенти. Наши колеги се експерти за енергетска ефикасност и одржлив развој и работат на интердисциплинарно вклучување на вештачка интелигенција во енергетски проблеми. Наши колеги први развиваат технологија на дигитален близнак во Македонија, специфично наменета за моделирање на обновливите извори на енергија. Едноставно, постојаното работење, вмрежување и надградување на знаењата на кадарот е она што обезбедува дека ФЕИТ е во постојан чекор со светските трендови.



Која е вашата порака до средношколците кои сѐ уште се двоумат дали да изберат технички факултет и зошто ФЕИТ би бил вистинскиот избор за нив?

Ако сакате да бидете двигатели на иднината, ако ве привлекуваат технологијата, иновациите и решавањето на реални предизвици – тогаш, техничкото образование е вистинскиот избор. А меѓу техничките факултети, ФЕИТ нуди повеќе од само диплома: нуди визија, знаење, поддршка и поврзаност. Кај нас ќе најдете современи наставни програми, мотивирачка средина, посветени професори и можности за вклучување во реални проекти уште за време на студиите. Ќе бидете дел од мрежа на професионалци кои се докажуваат дома и во светот и ќе стекнете вештини што ве подготвуваат не само за денешниот пазар, туку и за технологиите на иднината. Затоа, ако се двоумите – ве покануваме да дојдете, да се запознаете со нашите професори и асистенти, да ги разгледате нашите простории и сами да се уверите зошто сѐ повеќе млади го препознаваат ФЕИТ како нивен прв и вистински избор.

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот