X
 13.08.2025 Живот

Во Јапонија можете да изнајмите баба

Во Јапонија, земјата на долговечните луѓе и длабокото почитување кон постарите, се појави уникатна услуга која ги спојува генерациите, го брише чувството на осаменост и му ја враќа смислата на секојдневието. Наречена „OK obaachan“ (во превод „OK баба“), оваа иницијатива ангажира жени на возраст од 60 до 94 години да помагаат во извршувањето на традиционалните домашни работи, приготвување на домашни оброци, чување деца, но можеби и најважно - давање утеха, правење друштво или кажување мудри зборови на помладите.

За еден час нивна помош се плаќа околу 3.300 јени (околу 22 долари), плус трошоци за транспорт. Но, оваа услуга е многу повеќе од платена помош - таа е мост меѓу луѓето.

Постарите дами често добиваат повици да ги слушнат оние што минуваат низ тежок период, да посредуваат при семејни несогласувања, да дадат совет од искуство или едноставно да бидат тука.

За многу од овие жени, ова е шанса повторно да се чувствуваат корисно и поврзано со светот околу себе. Наместо да ја поминат староста во тишина и изолација, тие избираат да ја подарат својата сила, време и внимание на оние што најмногу им е потребно.

 

Инспирирана од јапонската филозофија „икигаи“, идејата дека секое утро треба да се започне со цел и радост, услугата „ОК баба“ не нуди само помош, туку и човечка поврзаност. Во општество кое сè повеќе се дигитализира и оддалечува, овие жени потсетуваат на она што ни недостасува - присуство, топлина и блискост.

Овој концепт предизвика голем интерес и надвор од Јапонија, затоа што покажува дека стареењето не мора да значи крај на корисноста, туку може да биде ново поглавје исполнето со смисла.

Во свет кој често заборава на мудроста на постарите, бабата на повик е повеќе од симпатична идеја. Тоа е силна порака: секој има свое место и улога, без разлика на годините.

Извор: 24sedam.rs
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот