X
 14.02.2019 Живот

Професор по психологија: Технолошкиот напредок треба да значи четиридневна работна недела

Филозофите и технолозите долго време велат дека напредокот во технологијата ќе значи дополнителен ден за викенд. Идејата е дека со зголемување на автоматизацијата луѓето ќе можат да си дозволат да се одморат, а нивната работа да ја преземат ботови.

Токму за ова со децении дискутира Адам Грант, психолог од училиштето „Вартон“ во Пенсилванија. Заедно со историчарот Рутгер Бергман, тој смета дека четиридневната работна недела ќе ја зголеми среќата во работата на работниците и ќе ја зголеми нивната продуктивност.

- Експериментите ни посочуваат дека ако го намалите работното време, луѓето можат поефикасно да се фокусираат и на крај да произведат исто, често со повисок квалитет и креативност. Освен тоа, тие се лојални кон компаниите што се подготвени да им дадат флексибилност за да уживаат во нивниот живот надвор од работата - вели тој.

- Во 20-тите и 30-тите години постоеја големи капиталистички претприемачи кои открија дека ако ја скратат работната недела, вработените ќе бидат попродуктивни. Така, на пример, Хенри Форд открил дека со промена на работната недела од 60 часа на 40 часа неговите вработени ќе станат попродуктивни бидејќи не биле толку уморни во текот на слободното време - додава тој.

Неодамнешниот извештај од компанијата „Автономи“ вели дека јапонската културна практика на прекувремено работење предизвикува околу 10.000 смртни случаи годишно. Исто така, извештајот наведе дека медицинските сестри во Шведска што работеле шест часа имале подобро здравје и благосостојба (особено кај оние постари од 50 години).

Во меѓувреме, една компанија во Нов Зеланд спровела тест-период во кој вработените работеле само четири дена во неделата. Минатата година оваа компанија ја усвоила оваа мерка за постојано. Нивните истражувања велат дека вработените имале пониско ниво на стрес, повисоко ниво на задоволство во работата и подобрено чувство на балансот помеѓу работата и животот. Освен тоа, вработените биле за 20 отсто попродуктивни.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот