Во рамките на Европската ноќ на истражувачите – Гринстарс „ИЗБЕРИ НАУКА! ГРАДЕЊЕ НА ОПШТЕСТВОТО ПРЕКУ НАУКА И ИНОВАЦИИ“, која на 25 септември 2026 година ќе се одржи и во Битола, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, како дел од Европската универзитетска алијанса КОЛОРС, во соорганизација со Националната установа Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ - Битола, организира централен настан посветен на животот, делото и научното наследство на Анастас Коцарев.
Преку специјално подготвена изложба и документарна проекција, публиката ќе има можност поблиску да се запознае со научниот пат, творештвото и придонесот на Коцарев, како и со неговото место во развојот и афирмацијата на македонската наука. Артефактите кои ќе бидат застапени на изложбата се обезбедени од архивите на НУУБ, Ректоратот на УКЛО, репозиториумот на Универзитетот Гент во Белгија, новинарските архиви и семејството на д-р Анастас Коцарев.
Во годината во која се одбележуваат 35 години од македонската независност, ваквите иницијативи имаат дополнително значење – тие се можност за навраќање кон научниците и интелектуалците чие дело оставило трага не само во науката, туку и во поширокиот општествен и национален развој.
Во пресрет на значајниот настан, во рамките на циклусот „ИЗБЕРИ НАУКА“ на Факултети. мк, се осврнуваме на улогата на Универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола, која не само што е приредувач на изложбата, туку е и соорганизатор на централната и главна програмска активност во Битола по повод Европската ноќ на истражувачите.
За значењето на изложбата, улогата на библиотеката во зачувувањето и афирмацијата на научното наследство, како и за подготовките за централниот настан во Битола, разговараме со директорката на Националната установа Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ - Битола, м-р Емилија Стефановска-Давкова.
УКЛО КОЛОРС: Како Националната установа-универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ - Битола, како приредувач на изложбата и организатор на централниот настан по повод Европската ноќ на истражувачите, ја гледа својата улога во промовирањето на научното наследство и неговото приближување до јавноста?
Емилија Стефановска-Давкова: Како Национална установа - Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ - Битола, нашата улога ја гледаме многу пошироко од традиционалното чување на книгата. НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола не е локална т.е. градска библиотека, туку институција со национален и универзитетски карактер, а од 1954 година таа е и депозитна библиотека, што значи дека од сѐ што е напишано во нашата држава, по еден задолжителен примерок се чува кај нас. Токму затоа, ние имаме и особено значајна улога во собирањето, заштитата и трајното зачувување на нашето пишано, културно и научно наследство. Публикациите што се дел од нашата национална издавачка продукција ѝ се доставуваат на нашата битолска Библиотека како задолжителен примерок, библиотечно се обработуваат и трајно се чуваат во нашиот архивски фонд.
Нашата задача не е само да го чуваме знаењето, туку и да овозможиме тоа знаење да биде достапно за сите граѓани , но и правилно користено. Тука особено значајна е практичната помош на нашите стручни библиотекари. Тие директно ги насочуваат децата, учениците, студентите, лицата со посебни потреби, повозрасните лица, професорите, научниците и истражувачите како да ја пронајдат соодветната литература, како да пребаруваат низ библиотечниот фонд и електронските каталози и како да пристапат до релевантни електронски бази на податоци, научни трудови, списанија и други проверени извори на информации.
Библиотекарот не само што помага да се пронајде информацијата, туку и го учи корисникот како правилно да пребарува, како да ја провери веродостојноста на изворот и како да разликува научно заснована информација од непроверена содржина.
Ова е особено важно денес, кога сме опкружени со огромен број на информации. Не секоја информација е точна и релевантна. Затоа сакаме уште од мали учениците, а потоа и студентите од сите три циклуси на студии, професорите и научниците, да ја препознаат Библиотеката како место за сериозно истражување и стекнување на проверено знаење. Според ова, НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола не е само чувар на нашата национална меморија, туку и активен центар на образованието, науката и истражувањето. Таа е место каде што знаењето се чува, се проверува, се споделува и се создава.
УКЛО КОЛОРС: Зошто е важно токму преку вакви настани, како Европската ноќ на истражувачите, библиотеките да излезат од рамките на традиционалното чување на книги и документи и да станат активни места за популаризација на науката, истражувањето и научното наследство?
Емилија Стефановска-Давкова: Ваквите настани се исклучително важни затоа што ја покажуваат современата улога на Библиотеката, како што претходно напоменав, таа не само место каде што се чуваат книги, документи и нашето библиотечно книжно и некнижно културно-образовно и научно наследство, туку таа е и отворен простор во кој знаењето се споделува, истражува и станува достапно за сите.
Европската ноќ на истражувачите е одлична можност науката да ја извадиме од строгите академските рамки и да ја доближиме до граѓаните, а особено до младите. Сакам тие да видат дека науката не е нешто далечно и тешко, туку дека започнува токму од љубопитноста и од желбата да поставиш прашање, да истражуваш и да го пронајдеш вистинскиот, проверен одговор. Токму тука библиотеките имаат огромна улога! Ние располагаме со богат библиотечен фонд, стручни библиотекари и пристап до релевантни извори на информации и секако, наша обврска е тие ресурси да ги направиме видливи и корисни за јавноста.
Преку секојдневни изложби, предавања, работилници и непосредни средби со истражувачи, Библиотеката станува место каде што науката се доживува, а не само да се чита. На овој начин, ние создаваме млади луѓе кои ќе имаат желба да истражуваат, но уште поважно, тие ќе знаат прецизно и критички да размислуваат, да ги проверуваат информациите и да градат ставови врз основа на знаење и факти. А, токму такви образовани и критички настроени генерации му се потребни на секое современо општество.
УКЛО КОЛОРС: Во годината кога одбележуваме 35 години македонска независност, каква порака испраќа Библиотеката со тоа што преку Европската ноќ на истражувачите ги става науката, истражувањето и научното наследство во центарот на јавниот интерес, особено кај младите генерации?
Емилија Стефановска-Давкова> Оваа година кога одбележуваме 35 години македонска независност, сметам дека пораката е особено значајна за младите, а тоа е дека независноста, подемот и развојот на една држава не се гради само преку институциите, туку најважни се граѓаните коишто живеат во нашата држава. За таа да напредува, најважно е знаењето, образованието, науката и способноста на нејзините граѓани кои треба да можат самостојно и критички да размислуваат. Токму затоа, преку Европската ноќ на истражувачите сакаме науката, истражувањето и нашето научно наследство да ги ставиме во центарот на вниманието. Граѓаните, особено младите, треба да знаат што создале генерациите пред нив, но истовремено да добијат поттик и самите да истражуваат, да создаваат и еден ден да остават свое научно и интелектуално наследство. Верувам дека вистински силна и независна држава е онаа којашто вложува во образовани, информирани и љубопитни млади луѓе, кои знаат точно да ги проверат информациите, логички и критички да размислуваат и своите ставови да ги градат врз основа на факти и знаење.
Затоа, мојата порака е дека чувањето на македонското научно наследство е чување на нашата национална меморија, но неговото пренесување на младите е инвестиција во иднината на Македонија. Библиотеката токму тука ја гледа својата мисија, таа да биде врската меѓу она што сме го создале, она што сме денес и она што сакаме да бидеме во иднина.
Како најава, на централниот настан - омажот за д-р Анастас Коцарев, му претходат научни рефлексии со млади и искусни научници и истражувачи од различни дисциплини, кои функционираат во земјава и светот на ниво на извонредност. Тркалезната маса ќе се одржи во стариот дел на Универзитетската библиотека, каде што и амбиентот со шкафови полни со книги на сите ѕидови- ќе имаат свој придонес во научните рефлексии на денешнината, овозможени од проектот Избери наука!
На 25 септември 2026 г. науката ќе биде поблиску до сите – и во Битола, заедно со Скопје и Штип, преку УКЛО, заедно со УКИМ, УГД, МАНУ, НЦДИЕЛ и МЕД. Во оваа заедничка научноистражувачка приказна, НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола ја потврдува својата улога како простор за чување, истражување и споделување на научното и културното наследство. Преку изложбата и документарната проекција посветени на Коцарев, науката се поврзува со сеќавањето, образованието и иднината – потсетувајќи дека научното наследство е темел врз кој се гради општество што избира знаење, иновации и напредок.