X
 22.06.2026 Образование

Успешно реализирана Еразмус+ „Обука за студенти“ од областа на водните екосистеми и заштитата на водната средина, во организација на Факултетот за биотехнички науки - Битола (УКЛО)

Во периодот од 9 до 12 јуни 2026 г., во организација на Факултетот за биотехнички науки – Битола (УКЛО) се реализира проектната активност Обука на студенти (Training of Students) со учество на претставници од сите партнерски институции во Еrasmus + проектот „ПРИРОДАТА НА ВОДНАТА СРЕДИНА: ВКЛУЧУВАЊЕ И ПОДИГНУВАЊЕ НА СВЕСТА ВО РАЗЛИЧНИ ОПШТЕСТВА (НИДА)“.

Главен координатор на проектот е Црноморскиот технички универзитет од Трабзон, Турција, со својот Факултет за поморски науки (Karadeniz Technical University - KTU, Faculty of Marine Sciences), а други партнерски институции се Организацијата Mare Nostrum од Констанца, Романија и Факултетот за биотехнички науки при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола, претставуван од локалниот координатор проф. д-р Дијана Блажековиќ-Димовска и проектниот тим составен од проф. д-р Весна Карапетковска-Христова и проф. д-р Билјана Трајковска.

2

Во рамките на овој проект успешно беше реализиран значаен едукативен настан посветен на унапредување на знаењата и практичните вештини на студентите во областа на водните екосистеми, биодиверзитетот и зачувувањето на природните водни богатства.

Настанот обедини студенти од четири факултети (единици) при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола, односно Факултетот за биотехнички науки, Педагошкиот факултет, Високата медицинска школа и Техничко технолошкиот факултет, создавајќи простор за интердисциплинарна соработка, размена на искуства и градење нови академски и професионални партнерства.

Во текот на обуката беа обработени повеќе актуелни теми, меѓу кои:

• водни екосистеми и нивната улога во одржувањето на еколошката рамнотежа;
• водна флора и фауна и нивното значење за биолошката разновидност;
• биодиверзитет и современи предизвици за негово зачувување;
• волонтерство и граѓанска вклученост во заштитата на природата;
• конзервација и одржливо управување со природните водни ресурси.

Особена вредност на настанот му дадоа предавањата и практичните сесии реализирани од истакнати професори, научници и експерти од Македонија, Турција и Романија, кои преку своето богато искуство им овозможија на студентите да се запознаат со современите научни достигнувања, европските практики и иновативните пристапи во областа на заштитата на водната средина.

3

Преку интерактивна работа, теренски активности и дискусии, учесниците имаа можност да ги продлабочат своите знаења, да развијат практични компетенции и да ја зајакнат свеста за важноста на зачувувањето на водните ресурси и природните екосистеми.

Како дел од практичната обука во рамките на Еразмус+ проектот НИДА, студентите имаа можност своите знаења да ги надградат преку активности реализирани во ЈНУ Хидробиолошки завод - Охрид, придружна членка на УКЛО, една од водечките научни институции во областа на проучувањето и заштитата на водните екосистеми.

12

Обуката беше заокружена со свечено доделување на сертификатите покрај Охридското Езеро – еден од најзначајните природни водни ресурси и највредните природни богатства во нашата земја и пошироко. На овој симболичен начин беше истакната важноста на зачувувањето на водните екосистеми и улогата на младите генерации во нивната заштита за идните поколенија.

4

Овој успешен настан претставува уште еден значаен чекор кон јакнење на меѓународната соработка, развојот на квалитетно високо образование и подготовката на нова генерација млади експерти посветени на заштитата на природата и одржливиот развој.

3

Заедно градиме знаење, партнерства и одговорност кон природата за подобра и поодржлива иднина.

#ErasmusPlus #UKLO #NIDA #WaterEcosystems #Biodiversity #NatureConservation #EnvironmentalEducation #StudentTraining #Volunteering #Sustainability #InternationalCooperation #GreenFuture 

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование