Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола пред стартот на уписите за нови студенти на
19 август 2025 година широко ги отвора вратите за новиот академски подмладок. Пред почетокот на академската година, што е особено значаен, како за бруцошите, така и за Универзитетот, раководството и вработените на УКЛО се посветени на обезбедување квалитетно образование, знаења и компетенции што ќе овозможат реализација на личните желби и амбиции на секој студент. Оваа мисија има силен импулс со вклученоста на УКЛО во Европската универзитетска алијанса КОЛОРС, каде што размената на искуства и заедничките иницијативи носат нови перспективи и можности.
Токму во духот на овие современи образовни вредности, Универзитетот ги запознава идните студенти и јавноста со своите стратешки предности, меѓу кои се издвојува и Универзитетскиот хаб за тројна транзиција – иновативен центар формиран како одговор на актуелните глобални предизвици, кој преку одржливи решенија ги спојува науката, технологијата и општеството. Овој хаб не е само симбол на иднината на УКЛО, туку и мост што ги поврзува новите генерации студенти со процесите на глобални промени и можности за активно учество во нив.
- Овој хаб претставува значаен чекор во нашата посветеност на унапредување на образованието и научната соработка во Алијансата КОЛОРС и пошироко. Целта е да создадеме интегриран и мултидисциплинарен пристап кој ќе го поддржи развојот на студентите и академска заедница. Идејата ја надоградува и унапредува европската двојна транзиција - зелена и дигитална - и овозможува вистински фокус на потребите на планетата и општеството. Преку овој хаб ние не само што ќе ги развиеме потребните компетенции за социо-економска и еколошка праведна трансформација, туку ќе овозможиме и активно учество во решавањето на глобалните предизвици, како климатските промени и дигитализацијата - изјави академската раководителка на УКЛО КОЛОРС, проф. д-р Рената Петревска Нечкоска.
Цел на Универзитетскиот хаб
Основната цел на хабот е интегрирање на принципите на тројната транзиција во образовниот процес. Студентите и наставниот кадар ќе бидат охрабрени активно да учествуваат во процесите на социо-економска и еколошка праведна зелена трансформација, социо-економска праведна мобилност и дигитализација. Оваа иницијатива има за цел да развие нови идеи и алатки кои ќе помогнат во решавањето на глобалните предизвици како климатските промени и исцрпувањето на природните ресурси. Како дел од Европската универзитетска алијанса КОЛОРС, Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола силно ја поддржува стратегијата за тројна транзиција и започнува со учество во нови активности и истражувања што ја одликуваат оваа Алијанса.
- Со формирањето на Универзитетскиот хаб за тројна транзиција, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола ја промовира амбицијата да биде лидер во образованието и апликативната научноистражувачка работа. Секогаш базираме на наши постоечки иницијативи кои се вплотуваат во пошироката слика на дејствување. Нашата визија е да ја едуцираме преку реалистични принципи следната генерација на лидери кои ќе бидат подготвени да се справат со најголемите предизвици на современиот свет, почнувајќи од дома. Креирањето на ваква платформа за иновации, соработка и истражување ќе овозможи нашите студенти и кадар да бидат дел од глобалните решенија за одржлив развој и социјално-еколошка праведност - се ставовите кои ги споделуваат ректорот на УКЛО, проф. д-р Игор Неделковски и проректорката за студентски работи, проф. д-р Јасмина Буневска – Талевска воедно и коиницијатори на идејата за основање на Хабот за тројна транциција на УКЛО.
Клучни активности на Универзитетскиот хаб
Со формирањето на Хабот за тројна транзиција, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола, како членка на алијансата КОЛОРС, продолжува да го зголемува својот придонес во европската и глобалната академска и научна заедница, активно учествувајќи во решавањето на основните кризи и предизвици на денешниот динамичен свет.
Принципот за тројна транзиција - социо-економска, зелена и дигитална, е оригиналната новост која за првпат ја вгради во својата суштина Европската универзитетска алијанса КОЛОРС, а по неа, следат уште две алијанси кои го преземаат овој принцип. Поглавјето кое ја дефинира тројната транзиција е публицирано од светскиот издавач „Шпрингер“, како поглавје насловено „The Three MuskEUteers: Pushing and Pursuing a '
One for All, All for One' Triple Transition: Social, Green, and Digital“, од група светски автори, во коавторство и уредништво на проф. д-р Рената Петревска Нечкоска, проф. д-р Ѓорѓи Манчески (УКЛО) и проф. д-р Геерт Поелс (УГЕНТ, Белгија) во книгата „
Facilitation in Complexity: from Creation to Co-creation, from Dreaming to Co-dreaming, from Evolution to Co-evolution“ . Така, оваа оригинална траекторија патува од нашата држава, низ Европа и светот, па повторно на УКЛО, во КОЛОРС и во врутокот на Хабот за тројна транзиција. Хабот за тројна транзиција на УКЛО КОЛОРС физички е дел од новиот колаборативен простор (CoSpace) на Алијансата во Битола, во Студентскиот информативен центар, а неговото дејство ќе се протега низ активностите на факултетите, Алијансата и соработниците.
(Комерцијална објава)