Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, како активен член на Европската универзитетска алијанса КОЛОРС, објави повици за краткорочни мобилности на ниво на докторски студии, финансирани преку програмата Еразмус+.
Станува збор за учество во академски колабораториуми со физичко присуство, организирани од страна на партнер-универзитети од Алијансата КОЛОРС: Универзитетот во Кристианштад, Шведска, Универзитетот во Вентспилс, Латвија и Универзитетот во Леман, Франција.
Овие активности овозможуваат вмрежување, размена на идеи, интердисциплинарна соработка и потенцијално учество со сопствени предавања од страна на докторандите. Истите значат учество на докторандите во своевидните колабораториуми - трајни процеси на соработка во рамките на КОЛОРС, во кои докторандите се дел од поширок екосистем на соработки и можат да придонесуваат преку своите истражувања, да ги реализираат истите, да бидат дел од организациските тимови и многубројни други модалитети.
Дел од УКЛО тимот веќе активно учествува во рамките на споменатите проекти, па сите нови заинтересирани докторанди кои сè уште не се запознаени со тековната работа, ќе треба претходно да се консултираат со одговорните професори – за што ќе бидат дополнително известени. УКЛО воедно им се обрати и на професорите да ја споделат оваа можност со сите докторанди што сметаат дека би биле заинтересирани за академско усовршување во меѓународен контекст.
Институционалната Еразмус+ координаторка на УКЛО, воедно и академска раководителка на УКЛО КОЛОРС, проф. д-р Рената Петревска-Нечкоска, истакна дека Европските универзитетски алијанси се дизајнирани да го користат фундаментот на Еразмус+ мобилностите за сите свои активности, што резултира и со поддршка во волумен на грантови за студенти од трите циклуси од страна на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. Од моментот на вклучување на УКЛО во Алијансата КОЛОРС, многубројни Еразмус+ мобилности на студенти од прв, втор и трет циклус се реализираа и преку т.н. БИП-ови (кратки школи со виртуелна и физичка компонента), како и продлабочени размени во поглед на Е+ мобилност за семестар или година, како и практикантства во традиционална, но и во иновативна форма. За таа цел, во Алијансите се подготвуваат и своевидни интеринституционални договори помеѓу партнерските универзитети на највисоко ниво, со опфатност од сите полиња и области, како и единици. Оттука, синергијата на Европските универзитетски алијанси и Еразмус+ програмата за индивидуална мобилност е основниот движечки мотор за одржливост и на алијансите и на програмата.
(Комерцијална објава)