Симулација на дипломатски прием по седми пат беше организирана изминатиот викенд во просториите на училиштето „Јахја Кемал“ во Струга. Учествуваа ученици од четврта година и професори, како и јавни личности од Струга. На учениците матуранти пред настанот им претходеше обука и практична настава за тоа како да се однесуваат на сите типови формални настани и кои се протоколите. Настанот го збогати и школскиот бенд, кој свиреше џез-музика.
Идејата за овој настан начелно ја даде одделот на општествените студии во училиштето, уште пред седум години, и во соработка со градот Струга ја реализира со голем успех. Учениците ги дочекува домаќинот на приемот, кој обично е професор од редовите на општествените науки. Сите учесници следат одреден кодекс на облекување карактеристичен за тој вид формален прием.
Според управата на училиштето, ова е важен настан бидејќи голем број од учениците од „Јахја Кемал“, според статистиката, го продолжуваат своето образование надвор од државата и се многу успешни јавни личности од областа на бизнис-заедницата, како и од научната елита во земјата и во странство.