X
 24.02.2015 Образование

Успеавме! #ПоздравПленумци

Успеавме! Нов закон за образование ќе се подготвува во следните 30-45 дена. На истиот НЕМА ДА ИМА ДРЖАВЕН ИСПИТ!

Ова се моменти на голема гордост и среќа за студентите, но и за сите граѓани во Македонија! На автономните зони во моментов се слави. Еве како изгледа прославата на ФЛФ/ФЗФ:



14 дена спиење, јадење и борба на факултетите се исплатеа! Втората средба на работната група заврши. Добрата вест ни ја кажа Ивана Туфегчиќ од Студентскиот пленум, која го претставуваше телото на средбата. 



„Студентскиот пленум ги пренесе барањата за интегрално нов закон за високо образование. Заклучоците од средбата ќе ги пренесеме на нашиот вечерашен Генерален пленум, после кој ќе излеземе со официјален став. Ние овде бевме само делегати, претставници на Студентскиот пленум. Нашето барање е прифатено“, изјави таа.

По неа, ректорот на УКИМ, Велимир Стојковски излезе со своја изјава:



„На денешниот состанок помеѓу претставниците на универзитетот, Студентскиот и Професорскиот пленум, Министерството за образование и наука и Владата се донесе еден заеднички заклучок да се пристапи кон изработка на еден нов закон за високо образование од две причини. Прво затоа што постоечкиот закон веќе 6 години претрпува петнаесетта измена. Второ, затоа што се сложивме во нашата заедничка определба за подигнување на квалитетот за високото образование, определба за сеопфатни реформи, не само во насока на подигнувањето на квалитетот на високото образование и подигнувањето на нивото на знаењето на студентите. 

Во таа насока ќе се формираат работни групи коишто во рокот од 30 до 45 дена ќе треба да го изработат концептот на новиот закон. Во тие работни групи ќе учествуваат сите заинтересирани страни коишто беа присутни и на состаноците и по изработка на концептот за новиот закон ќе се пристапи кон организирање на една конференција и понатаму во пошироки работни групи кон изработка на текстот на законот. Во следната фаза тој текст ќе биде понуден на јавна расправа, за нормално, како што завршува секој закон, забелешките од јавната расправа да бидат усогласени со предлог на текстот. 

Со овој начин на работа ќе се создаде една конструктивна атмосфера за сите чинители да го дадат својот прилог кон изработка на еден квалитетен текст којшто ќе биде применлив за сите и којшто ќе не' однесе во Европа со оние критериуми коишто се воспоставени во европскиот простор на образованието. 

Во таа насока, на крајот, јас апелирам лично како Ректор на УКИМ до нашите колеги, нашите студенти, да се вратат на редовните работни обврски заради тоа што само така сите ќе можеме да го дадеме максимално својот прилог во готвењето на новиот текст.“



На прашањето за државниот испит, Ректорот посочи дека со новиот закон ќе бидат решени сите прашања кои не ги задоволуваа сите страни досега. 



СП: "НЕМА СИЛА ШТО ЌЕ ГО СОПРЕ ГЛАСОТ НА СТУДЕНТИТЕ!"



Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование