X
 20.08.2015 Технологија

"Google" наскоро ќе ви помага да заштедите електрична енергија

Соларната енергија ја користи сончевата светлина за да создаде електрична енергија со директни или индиректни методи. Системите за концентрирана соларна енергија користат огледала и леќи за фокусирање на повеќе сончева енергија во мал зрак, а постои и фотоволтаично претворање на светлината во електрична струја.


Поставувањето систем за сончева енергија во еден дом е комплицирана задача. Една од најпопуларните компании во светот, „Google“ добива милиони барања поврзани со сончевата енергија секојдневно. Компанијата решава да им помогне со создавање онлајн-алатка наречена „Project sunroof“.

Целта на проектот е користење на податоци од „Google maps“ за одговарање на сите комплицирани прашања за сончевата енергија кои ги имаат корисниците на интернет-пребарувачот. Накратко кажано, со ова ќе може да откриете дали вреди инвестицијата во сончеви панели на вашиот дом.

„Google“ ќе ги користи сликите направени од сателитите во текот на годините. На овие слики има доволно информации за алгоритмот да пресмета дали вашиот покрив ќе биде добро место за сончев панел.

Инженерот од „Google“ Карл Елкин изјави дека „цената на сончевата енергија е рекордно ниска. Типичен дом може да зачува стотици или илјадници долари годишно на сметката за електричната енергија со сончеви панели“.

Проектот моментално е во пробна фаза. Доколку сакате да станете дел од него, постои можност да ја оставите својата и-мејл адреса за да дознаете кога ќе може да ги користите новите поволности.



Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија