X
 22.07.2020 Наука

Научниците откриле метод за создавање струја од невидливата светлина

Две нови откритија во областа на соларните ќелии би можеле да го подобрат начинот на кој се користи енергијата од сонцето. Двете истражувања, објавени во „Нејчр енерџи“ и „Нејчр фотоникс“, ќе го направат поефикасно и подостапно производството на соларни ќелии, велат научниците.

Во првото истражување се истражува „надградувањето“ на невидливата светлина, во која има малку енергија, во високоенергетска светлина за да се произведе повеќе електрична енергија од истата количина на сончева светлина. Истражувачи од универзитети во Австралија и во САД откриле дека преку кислородот може да се пренесе нискоенергетската светлина во молекули кои потоа може да бидат претворени во електрична енергија.


Фото: Freepik

Професорот Тим Шмит од Сиднеј објаснува дека енергијата од Сонцето не е видлива светлина.

- Спектарот е широк и вклучува инфрацрвена светлина што ни дава топлина и ултравиолетова светлина што може да ни ја изгори кожата - вели Шмит.

Повеќето соларни ќелии се направени од силикон, односно не може да реагираат на светлина која има помала енергија од речиси инфрацрвената. Ова значи дека некои делови од спектарот на светлина не се искористени од нашите уреди и технологии, објаснува Шмит. Оваа техника вклучува користење мали полуспроводници познати како квантни точки за апсорбирање на нискоенергетската светлина и нејзино претворање во видлива светлина за да се искористи енергијата.

Во второто истражување се анализира употребата на материјал наречен перовскит за создавање соларни модули кои се поефикасни и постабилни од моменталните комерцијални соларни ќелии направени од силикон. Соларните ќелии направени од перовскит се поевтини за произведување, но и пофлексибилни и полесни.


Фото: Freepik

Досега главниот проблем со овој материјал е тоа што тешко може да се најде во големи примероци за да се создадат соларни панели долги повеќе метри. Луис Оно, еден од авторите на истражувањето, вели дека секој дефект во материјалите станува поизразен поради перовскитот и затоа се потребни материјали со висок квалитет и подобри техники за производство.

Нов пристап кој се разгледува во истражувањето вклучува користење повеќе слоеви на материјалот за да се спречи загубата на енергија или истекување на токсични материјали. Истражувачите сега планираат да ги тестираат новите техники на поголеми соларни модули и се надеваат дека ќе ја комерцијализираат технологијата во иднина.

Автор: Ентони Кутбертсон
Извор: independent.co.uk
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука