X
 15.05.2025 Живот

Во Белгија поштарите спасуваат животи! Генијален начин за борба против осаменоста кај повозрасните

Осаменоста кај повозрасните станува сè поголем социјален проблем низ Европа, а особено загрижува фактот што тие често се оставени сами на себе. Овој предизвик стана уште повидлив за време на ковид-пандемијата, кога многумина од нив го загубија секојдневниот контакт со семејството и заедницата. Белгија, позната по иновативните социјални решенија, пронајде необичен, но мошне ефикасен начин за справување со проблемот.

Поштарите како социјални работници


Во Белгија поштарите се претворија во неочекувани херои во борбата против осаменоста на постарите граѓани, преку програмата наречена „Би-си-клоус“. Националната поштенска служба „Би-пи-пост“ го препозна потенцијалот на своите вработени, кои секојдневно ги посетуваат домовите низ целата земја, и им довери важна општествена улога. При доставата на поштата, поштарите ги посетуваат старите лица кои се пријавиле во програмата и им поставуваат однапред подготвени прашања за нивното здравје, расположение и потреби.

Како функционира „Би-си-клоус“?

Програмата функционира едноставно, но многу ефективно – поштарите при секоја посета го набљудуваат и бележат емоционалното и физичкото здравје на постарите лица. Доколку забележат знаци на изолација, депресија или други проблеми, веднаш ги известуваат локалните социјални служби, кои понатаму преземаат мерки и обезбедуваат поддршка. Иницијативата се покажа како исклучително успешна бидејќи поштарите често први ги забележуваат промените кои инаку би останале незабележани.

Важноста на раното откривање проблеми


Една од најголемите предности на програмата е можноста за рано откривање на потенцијалните проблеми. Осаменоста и социјалната изолација често се идентификуваат дури кога ќе се појават посериозни здравствени последици, но со поштарите  знаците на предупредување може да се забележат навреме. Белгиските власти потенцираат дека токму овој близок однос меѓу поштарите и постарите лица претставува клучен чекор во превенцијата на психолошките проблеми.

Други иницијативи против осаменоста


Освен оваа програма, Белгија развива и други активности за намалување на социјалната изолација. Владата во 2021 година започна неколку проекти за зајакнување на локалните заедници и создавање таканаречени „заедници на грижа“. Дополнително, белгискиот Црвен крст ја реализира програмата „Релиејџ“, во која волонтери редовно ги посетуваат осамените постари лица и им нудат пријателство и помош во секојдневните обврски.

Белгискиот пример покажува дека со малку креативност и користење на постојните ресурси, може да се постигне голема општествена добивка. Поштарите, иако ја вршат својата вообичаена работа, стануваат важна алка во мрежата на грижа и притоа испраќаат силна порака - грижата за постарите не е само задача на здравствените и социјалните служби, туку е одговорност на целото општество. Ова искуство може да биде инспирација за сите земји што се соочуваат со слични социјални предизвици.

Извор: Putnikofer.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот