X
 15.06.2020 Образование

733 полуматуранти помалку од лани неделава ќе се запишат во средно

19.297 полуматуранти од утре ќе можат да се запишат во некое од државните јавни средни училишта во земјава. Според конкурсот за запишување, средните стручни можат да примат и повеќе од вкупниот број, односно 20.856, покажуваат информациите на Министерството за образование и наука. Лани во Македонија имало 20.030 полуматуранти или 733 повеќе од годинава. 

Учениците денес можат да се запишат во гимназиско, стручно (техничко образование - четиригодишно траење, стручно образование за занимање – тригодишно траење и двегодишно траење), средно уметничко образование и средно образование за ученици со посебни образовни потреби.

Владата претходно донесе уредби за протоколи како да се реализираат уписите, со оглед на ситуацијата. Во средните школи каде што има голем интерес за запишување, според Законот за средно образование, ќе се полагаат квалификациони испити. Учениците претходно пополнуваа електронски пријави за упис, а на денот кога ќе ги поднесуваат документите треба да носат маска и ракавици, да држат дистанца од другите и да дојдат само со еден родител. Училиштата мора да обезбедат средства за дезинфекција и да бидат во функција повеќе влезови ако ги има.


Критериуми за избор на учениците се:

- среден успех на ученикот од VI до IX одделение;

- среден успех на ученикот постигнат по четири предмети (мајчин јазик, странски јазик и два предмети што се од значење за струката);

- дипломи за освоени (I, II и III) места од меѓународни натпревари, како и државни натпревари (организирани од акредитирани здруженија од Министерство за образование и наука) по мајчин јазик, странски јазик, природни науки, математика, хемија, физика, биологија и географија и наставни предмети што се од значење за струката, односно изборното подрачје;

- средна вредност од поени добиени за поведение.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование