X
 24.06.2019 Образование

Денес и утре второ пријавување за упис во средните училишта

Во средните училишта денеска и утре е второто пријавување за упис во прва година во учебната 2019/2020 година. Слободни места има за вкупно 23.410 ученици.

Според податоците на Министерството за образование и наука, по првото пријавување, кое беше минатиот понеделник и вторник, слободни остануваат 15.118 места за настава на македонски јазик, 7.416 за настава на албански јазик, 788 места за турски, 34 за српски јазик и 54 места за повторувачи.

Слободни места, според видот на образование за второто пријавување, има 5.983 за гимназиско образование и 17.275 за стручно образование.

Резултатите од запишувањето и слободните места ќе бидат објавени на 26 јуни.

Конкурсот за запишување ученици е завршен во неколку гимназии, како и во училишта каде што има здравствена, економско-правна, електротехничка, угостителско-туристичка струка….

За второто пријавување, училиштата може да го намалат утврдениот број на минимум поени дадени во Конкурсот, најмногу до 10 поени, освен за гимназиско образование, економско-правна и трговска струка и здравствена струка.

Со Конкурсот за запишување во прва година средно образование за учебната 2019/2020 година беа обезбедени вкупно 35.690 ученички места. На првото пријавување на 17 и 18 јуни се пријавиле 16.676 ученици, а се запишале 11.826. Од нив 4.464 во гимназиско образование, 7.000 во стручно образование, 242 ученици во Спортска академија.

Третото пријавување во средните училишта каде што ќе има слободни места ќе биде на 1 јули.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование