X
 15.09.2017 Живот

Психоаналитички пристап според Фројд на „Алиса во Земјата на чудата“

„Алиса во Земјата на чудата“ е дело на математичарот и логичар Чарлс Латвиџ Доџсон (делото го напишал под псевдонимот Луис Керол), кое веќе над 150 години ги забавува и интригира децата и возрасните.

Во делото се обединети математиката, политичката сатира, психологијата, како и личното искуство, па може различно да се толкува. Главниот лик Алиса нè остава со чувство на некомплетност. Авторот го избрал сонот како структура и со тоа рационалното го заменил со бизарно, фантастично и ирационално. Начинот на кој е напишана книгата се состои од игра на зборови и стихови со нелогична или апсурдна содржина, па затоа се толкува различно. Што би рекол Фројд кога би го анализирал сонот на Алиса?

Книжевната критика ја прифаќа една од главните идеи на Фројдовата психоанализа, по која луѓето во својот ум имаат несвесно „јас“, каде што се потиснати болните искуства и емоции. Фројд тврдел дека соништата се производ на борба помеѓу свесното и несвесното, дека во нив несвесното избегнува цензура и во прифатлив облик ги исполнува своите страсти и желби.

Една од теориите говори дека пропаѓањето на Алиса низ зајачката дупка е живописен симбол за сексуален чин потиснат во потсвеста на авторот. Истото се однесува и на вратата, бравата, клучевите – вратата со нормална голема претставува возрасна жена, па малата врата ја претставуваат девојката, завесата која ја крие вратата е облеката на девојчето, а поставувањето на клучот во вратата е класичен приказ на сексуален чин.

Уште една популарна теорија е онаа на Вилијам Емпсон, според која неконтролираното плачење на Алиса кое создава езеро во кое плива претставува слика на фетус во матката. Нејзиното извлекување на копно претставува процес на раѓање.

Теорија на идентитет

Оваа теорија се однесува на анализата на важните ликови во делото – Насмеаната Мачка, Гасеницата, Кралицата Срце и Алиса.

Кралица

Кралицата е примитивната страна на личноста на Алиса. Претставена е како жена која своите непосредни потреби моментално ги задоволува со земање обилна количина на храна, па тоа е видено како метафора за отворено прикажување на скриена сексуалност. Деликатните апетити одговараат на чиста женственост, додека копнежот и алчноста сигнализираат монструозност, затоа и кралицата е прикажана гротескно.

Насмеаната Мачка и Гасеницата

Мачката и Гасеницата се секогаш и физички сместени над Алиса, тие се тука за да ѝ се спротивстават, контролирајќи ја кај поединецот смислата за добро и лошо.

Гасеницата нема разбирање за нејзиниот проблем со неприспособување во Земјата на чудата, па токму со тоа се одвојува од останатите суштества и се грижи за тоа и таа да не го изгуби својот идентитет. Алиса на Мачката гледа како на авторитет. Гасеницата како суптилно да се обидува да ѝ каже на Алиса дека големината не дефинира и се обидува да ја насочи како да го контролира своето однесување, додека Мачката на различен начин ја поставува во непријатна ситуација нарекувајќи ја луда.

Алиса

Алиса од самиот почетокот на сонот е принудена да им удоволи на мноштвото суштества. Егото има задача да ги разбие забранетите желби што се наоѓаат во несвесното, а кои сакаат да излезат во свеста и да ја вознемират личноста. Кога нешто се отстранува од свеста, настанува потиснување, што и Алиса го прави со самото пропаѓање во зајачката дупка.

Со сето она што ѝ се случува, Алиса го открива својот вистински идентитет. Кога ќе излезе од својот сон, а со тоа и од Земјата на чудата, гледаме дека има поголема контрола над ситуацијата и својата личност. Така, ќе може да го отфрли светот од Земјата на чудата и тоа го прави со признавањето дека врховниот владетел на тој свет е само пакување на карти за игра.

Фројдовата психологија и анализа секако не е единствениот начин за толкување, но е одлична појдовна точка. Делото ги инспирирало и режисерите и модерната неврологија да го покажат своето гледиште на настаните и значењето, па со сето тоа да се помогне во подобро осознавање на функцијата на нашиот мозок.
Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот