X
 15.10.2023 Живот

Како изгледа „изгубениот осми континент“?

Научниците од Нов Зеланд ја комплетираа мапата на Зеландија, „изгубениот осми континент“, од кој најголем дел сега е под вода.

Старите Грци верувале дека таков континент мора да постои на другата страна на светот, поради геометриската симетрија.

Холандскиот истражувач Абел Тасман почнал да го бара, но открил нова земја во 1642 година, група острови што сега ги нарекуваме Нов Зеланд.

Поминале 375 години пред научниците да потврдат дека постои таков континент и да го наречат Зеландија.

На прв поглед, континентот е невидлив, бидејќи 94 отсто од него е под вода, а сега првпат е мапиран.

Научниците од новозеландскиот „Ги-ен-ес сајенсес“ нацртале нова детална мапа од географската широчина на Зеландија, која ја развиле врз основа на примероци од карпи извадени од морското дно. Исто така, тие успеале да ја одредат целосната површина на континентот - пет милиони квадратни километри.

1
Фото: GNS Science

Зошто Зеландија, која е речиси целосно во океанот, се смета за континент?

Одговорот лежи во геологијата. Потеклото на Зеландија е поврзано со Гондвана, древен меридијански суперконтинент кој се распаднал пред стотици милиони години. Тогаш се формирале континентите онакви какви што ги знаеме денес.

Зеландија се разделила пред околу 80 милиони години, но за разлика од нејзините соседи Антарктик и Австралија (Океанија), поголемиот дел од нејзината територија останала под вода. Единствени делови од континентот на површината се врвот на Нов Зеланд, француската територија на Нова Каледонија и малите австралиски територии на островот Лорд Хау и Боловата пирамида.

Новото истражување, предводено од геологот Ник Мортимер, овозможи да се мапираат преостанатите две третини од континентот.

Првите вистински знаци за постоењето на Зеландија ги собрал шкотскиот натуралист сер Џејмс Хектор, кој патувал во 1895 година за да проучува низа острови во близина на јужниот брег на Нов Зеланд. Откако ја проучувал нивната геологија, тој заклучил дека Нов Зеланд е остаток од планински венец кој го формирал врвот на голема континентална област која се протегала далеку на југ и исток, а која сега е под вода. Во 1995 година американскиот геофизичар Брус Луендијк го опишал регионот како континент и предложил да се вика Зеландија.

Конвенцијата на Обединетите нации за правото на морето наведува дека земјите можат да ги прошират своите правни територии надвор од Ексклузивната економска зона, која достигнува 200 наутички милји (370 километри) од нивниот брег, за да бараат „проширен континентален гребен“ - со сите негови минерали.

Ако Нов Зеланд може да докаже дека е дел од поголем континент, би можел да ја прошири својата територија за шест пати.

Ова би значело зголемување на расположливите средства за морските истражувања.

Извор: BBC
Фото: BBC
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот