X
 15.11.2021 Наша тема

Кајакарот Александар Златаров, шампион на Македонија: „Се стремам да го освојам Светскиот куп“

Имам освоено голем број медали на државни и меѓународни првенства, а редовен освојувач сум и на купови. Шампион сум на Македонија во повеќе категории во неколку дисциплини, а имам и други признанија и пофалници во делот на спортот. Засега најзначајна титула ми е освојувањето на Европскиот куп, вели Златаров

Александар Златаров е наш кајакар, државен првак во дисциплините класик и спринт, и победник на Европски куп во генерален пласман во кајак-спуст за сениори за 2021 година, кој се одржа минатиот месец во Словенија. Но ова се само последните негови врвни достигнувања.
- Имам освоено голем број медали на државни и меѓународни првенства, а редовен освојувач сум и на купови. Шампион сум на Македонија во повеќе категории во неколку дисциплини, а имам и други признанија и пофалници во делот на спортот. Засега најзначајна титула ми е освојувањето на Европскиот куп - ни споделува Златаров.

Девет години дел од македонската репрезентација


За да создаде силна врска со кајакот, вели дека пресудна улога одиграл неговиот прв натпревар.



- Пресуден беше мојот прв натпревар на кој успеав да го освојам првиот медал, кој придонесе да се зголемат моите апетити за напредок и натпреварувања во овој спорт. Мојот роден град Велес има долга традиција во овој спорт. Самото тоа што во градот постојат шест клуба за кајак кажува за тоа колку е застапен и достапен овој спорт во Велес. Бидејќи живеам во непосредна близина на реката Вардар, имав можност често да ги гледам моите маалски другари како тренираа и се натпреваруваа, па така и кај мене се роди желбата за овој спорт, кој еве сѐ уште е на моето дневно мени - ни сподели Александар.

Со кајакарење се занимава од својата 13. година, односно девет години професионално, и активно е дел од македонската репрезентација во кајак.

- Овој спорт е еден од поретките и поразличните индивидуални спортови на нашите простори кој нуди одличен адреналин и развој на психо-физичката способност. Секој спорт си има свои убавини, така и кајакот. Се работи за спорт во кој си опкружен со убавините на природата. Тренинзите и натпреварите се одвиваат на реки, езера или вештачки патеки за кајак. Тоа го прави да е возбудлив и интересен за секој што одлучува да се занимава. За мене, спортскиот начин на живот е вистинскиот избор. Кајакот придонесе за мојот правилен психо-физички развој, виталност и добро здравје. Влијаеше врз моето планирање на времето и давање приоритет на работите што имаат важност во мојот живот - вели Златаров.



Историски успех за македонскиот кајак-спуст


Моментално се натпреварува во дисциплината спуст во спринт и класик на диви води.
- Секој натпревар е различен и се разликува од секој претходен или следен. Затоа подготовките ги планирам во зависност од самиот натпревар. Некогаш тие можат да траат и неколку недели, како и одење претходно на местото каде што се одржува натпреварот со цел запознавање и тренирање на патеката за подобра подготвеност - вели Златаров.

По три сезони посветеност и натпреварување на европските купови, оваа година успеа да го освои Европскиот куп во генерален пласман.

- Преку добрите квалификациски возења успеав да се пласирам во финалните возења на 1. коло во Италија и 2. коло во Чешка, воедно и на самото финале на Европскиот куп во Словенија. Добрата физичка и техничка подготвеност и концентрација во финалните возења ми донесоа високи пласмани и освојување најмногу бодови на ранг-листата за 2021 година. Последен натпревар за оваа сезона беше Државното првенство на Македонија, на кое успеав да дојдам до двојна победа во дисциплините спринт и класик, што ми ја донесе титулата шампион на Македонија за 2021 година, воедно заедно со моите колеги Спасиќ и Небиовски победивме во тимските трки и придонесовме за нашиот клуб ККК. „Арка Борец“ од Велес да биде најуспешен клуб за оваа година. Додека на последниот меѓународен натпревар во Словенија најзначајно ми беше тоа што заедно со моите клупски и репрезентативни колеги Спасиќ и Небиовски успеавме да го поделиме победничкиот подиум од Европскиот куп, што претставува историски успех за македонскиот кајак-спуст - потенцира Александар.



Следно освојување на Светскиот куп

Вели дека неговиот успех се должи на посветеноста, пожртвуваноста и одлучноста, но и поддршката од клубот и од неговите најблиски игра голема и значајна улога.

- За да има напредок, потребно е да имате добра конкуренција околу вас, која ќе ви овозможи да учите и да тренирате на повисоко ниво. Јас се трудам да бидам конкурентен на конкуренцијата која е пред мене, но воедно сакам и да бидам пример за конкуренција.
Секојдневното тренирање и залагање за подобрување на предиспозициите и знаењата е клучниот фактор за мојот успех. За време на самиот натпревар, додека сум во дивите води, целосно сум фокусиран на она што треба да го направам и умеам со кајакот и веслото, бидејќи со мал пад на концентрација оваа борба можам брзо и лесно да ја загубам - дополнува кајакарот Златаров.

Вели дека најголем предизвик му се трките за избор на репрезентација кои се клучни за неговиот понатамошен настап на светските и европските првенства, кои исто така се најзначајни натпревари.
- Секој нареден натпревар, сезона, е предизвик за што подобри резултати. Оваа сезона зададената цел си ја остварив, а за следната сезона се стремам за нова титула во повисок ранг, односно освојување на Светскиот куп - ни најави Александар.



Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема