X
 25.01.2016 Технологија

Вештини кои во иднина ќе бидат најбарани

Во 2020 година, работодавците од своите вработени ќе бараат малку поинакви вештини од оние што се бараат денес. Експертите анкетирале над 350 вработени од различни области во најголемите 15 светски економии за да се обидат да го предвидат напредокот на технологијата, особено на работното место.


„Иднината на работата“ е извештајот кој ги содржи резултатите на оваа анкета. Во извештајот се наведуваат 10 вештини кои најверојатно ќе бидат барани во блиска иднина, објавува Светскиот економски форум.

10. Когнитивна флексибилност

Тоа е способност за размислување за повеќе поими истовремено. Во текот на 2015 година, оваа вештина не беше клучна, но во наредните четири години потребата за оваа вештина ќе расте поради големиот спектар на работи кои ќе бараат ваков начин на размислување, вклучувајќи креативност, логично размислување и проценка на проблем.

9. Вештина на преговарање

Социјалните вештини ќе станат поважни во иднина, а преговарачките вештини ќе бидат барани и кај компјутерските и математички професии, но и во уметноста, дизајнот и другите индустрии.

8. Вештини на ориентација

Овде се мисли на активното барање начин за помош на другите. Оваа вештина се наоѓа во групата на социјални вештини.

7. Проценка и донесување одлуки

Во 2015, оваа вештина била на осмо место по важност, а до 2020 година таа ќе се искачи погоре. Тука е посебно важна системската вештина, односно способноста за анализа на податоци.

6. Емоционална интелигенција


Ова е уште една социјална вештина за која има висока побарувачка. Роботите може да бидат способни за многу работи, но и понатаму не можат да ги читаат луѓето онака како што луѓето ги читаат луѓето.

5. Координација со останатите

Тоа е уште една вештина која роботите не ја усовршиле, а под неа се подразбира способноста за активно прилагодување на другите и соработување.

4. Управување со човечки ресурси


Тоа значи да се биде во состојба на мотивирање на луѓе, развивање нивни работни навики и идентификување на најдобрите луѓе за одредена работа. Овие вештини особено ќе бидат барани кај менаџерите.

3. Креативност

Со напредокот на новите технологии креативните поединци сè повеќе ќе се ценат бидејќи знаат на вистински начин да ги применат тие нови технологии и да креираат нови производи и услуги.

2. Критичко размислување

Една од најважните вештини претставува критичкото размислување и расудување при идентификувањето на предностите и слабостите.

1. Решавање комплицирани проблеми

И понатаму најважна вештина која работодавците ќе ја бараат од работниците ќе биде решавањето проблеми. Дури и со зголемувањето на податоците се потребни луѓе кои носат добри одлуки, а кои притоа ќе наидуваат на комплексни проблеми.


Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија