X
 06.10.2016 Живот

Филозофијата на Генерацијата Y: Среќата не е во материјалните нешта!



Генерација Y


Традиционалните мерила за успех, да се има стан и автомобил, денес се застарени. Сè поголем број млади луѓе низ светот не сакаат да ги купуваат.

Истражувањата покажуваат дека т.н. Генерација Y, што денес се на возраст меѓу 30 и 35 години, многу ретко купуваат куќи, а уште поретко – автомобили. Всушност, воопшто не трошат на  скапи работи. Во Америка, младите на возраст до 35 години се нарекуваат „генерација на закупци“.  


Зошто се случува ова?

Некои социолози причината ја гледаат во финансиските кризи со кои се соочуваат младите. Токму заради тоа стравуваат од „сериозните“ заеми.

Но, тоа и не е најважната причина. Поентата е што новата генерација има различни вредности од вредностите на нивните родители.

Денешните млади го преиспитуваат концептот за успех, што за нив значи:

-    Успешните луѓе не купуваат имот, туку најмуваат.
-    Ако сакаш да те сметаат за успешен, инвестирај во искуства: патувај, занимавај се со екстремни спортови, создавај стартапи.

Тие не сакаат просперитет и стабилност, туку флексибилен распоред и финансиска и географска независност.  


Не ги интересираат материјални нешта

Зошто би имале автомобил, кога можат да користат такси, што го сметаат за личен превоз со возач. И чини помалку отколку да поседуваш сопствено возило. Зошто би купиле куќа на убаво место за да одат таму на одмор, ако имаат опција да си изнајмат простор преку Airbnb на кое било ќоше на планетата?

Нема потреба да се троши прекумерно за наем на стан или за купување имот во омилената земја. Истото важи и за сопствен имот во родниот град:

-    Не знаеш колку долго ќе живееш таму;
-    Можеш да ја земеш на хипотека за 40 години или да го прифатиш фактот дека ќе го поминеш животот негде под ќирија;
-    Веројатно ќе ја промениш работата во рок од неколку години. Ако најмуваш стан, ништо не те спречува да се преместиш во нов што ќе ти биде поблиску до новото работно место.

Според Форбс, модерните млади луѓе ја менуваат работата во просек на секои три години.  


Сопственоста е надминат концепт

Колумнистот Џејмс Хамблин, овој феномен го објаснува на следниов начин: „Во текот на минатата деценија, преку низа истражувања психолозите го потврдија тоа преку концептите среќа и благосостојба, и констатираа дека поисплатливо е трошењето на нови искуства, отколку купувањето нови нешта. Тоа им носи повеќе среќа.“


Искуствата носат нови пријателства

Социјалната интеракција меѓу луѓето е суштинска за нивната среќа. Разговорите и кругот од пријатели го прават човекот посреќен. Но, што повеќе би ги интересирало луѓето во меѓусебните разговори: како сте си поминале за време на престојот во некоја интересна земја или колку станови сте купиле досега?

Ви споделуваме извадок од написот на Хамблин:

„Се чини дека луѓето не ги интересира да слушаат што поседуваат другите луѓе, но со задоволство би ве сослушале како сте си поминале на концертот на Vampire Weekend.“
Запомнете, дури и лошото искуство може да прерасне во добра приказна. Материјалните нешта не го можат тоа.


Купувањето работи создава грижа

Нештата што ги поседуваме, особено ако се многу скапи, нè тераат да се грижиме за нивната состојба. Ако купите автомобил, на секој вклучен аларм однадвор ќе истрчате да проверите дали е сè во ред со вашиот. Ако купите куќа и ја опремите со најскапи предмети, ќе се плашите да не ве ограбат. Да не споменуваме дека автомобилот може да ви се расипе или уништи, а прескапиот телевизор да престане да работи после една година користење. Но, никој не може да ви ги одземе впечатоците од искуствата што сте ги стекнале.    


На купените работи со тек на време им паѓа вредноста

Нашите родители не биле во можност толку често да патуваат колку ние денес. Порано немало многу можности за забава. Тие немале многу прилики да почнат нов бизнис. Поради тоа, инвестирале во куќи и автомобили, а денешните млади не сакаат да го прават тоа. На крај, сè што купуваме, освен куќите и становите, ќе застари со текот на времето. И ако само помислиме колку се намалува вредноста на имотот кога ќе се најдеме во криза, тогаш сè останато е повеќе од очевидно.


Искуството е единственото вредно нешто: никогаш не му паѓа „цената“ и никој не може да ви го украде.  

Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот