X
 01.11.2016 Живот

Четири важни нешта што ја објаснуваат најнеизвесната претседателска трка во Америка

Ниту една претседателска трка во Америка немала толку осцилации како претстојната.

Предизборна Америка, Трамп или Клинтон

Останаа само уште осум дена до изборите на кои Американците ќе одлучат кој ќе биде 45. претседател на државата, Доналд Трамп или Хилари Клинтон. И покрај тоа што т.н. „октомвриско изненадување“ веќе стана клише, ретко кој би можел да се сети на повозбудлив предизборен месец од годинешниот октомври, пишува Вашингон Пост.

Еве како стојат работите пред самиот финиш на трката.

1. Изборниот колегиум (сè уште) ја фаворизира Клинтон (и тоа прилично многу)

Во неделата Трамп одржа собир во Ново Мексико, а вчера во Мичиген. Овие релативно изненадувачки посети би можеле да нè наведат на заклучокот дека помалку се обидува да се истакне во традиционално демократските упоришта, но многу мал број показатели зборуваат во прилог на тоа дека би можел да биде компетитивен во тие сојузни држави. Во Мичиген, според анкетите на RealClearPolitics, Клинтон има предност од 7%, а во Ново Мексико – 8,5%.
Општата состојба на трката во принцип е многу слична, и покрај тектонските нарушувања што ги доживеаја и двајцата кандидати во последните месец дена. Кога се во прашање електорите, Клинтон има несомнена предност. Освен што има 18 сојузни држави, плус округот D.C. –  вкупно 242. електорски гласови на сите избори од 1992 година биле на страната на Демократите. Клинтон сега води и на многу места што во последните неколку циклуси биле „бојни полиња“ – Колорадо, Њу Хемпшир, Северна Каролина и Вирџинија. Освен тоа, не е без шанси ни во државите како Алјаска, Аризона, Џорџија и Јута, во кои со децении кандидатите на Демократите не успевале да добијат. 

2. Организациските способности ѝ даваат предност на Хилари

Трамп непрестајно во текот на кампањата повторува дека глупостите од типот на анкети и организациски одбори се преценети и дека како мерило на својот успех ги смета големиот број луѓе на неговите собири. Меѓутоа, проблем за Трамп е што раното гласање, кое многу зависи од организацијата, станува почесто и поважно.
Повеќе од 21 милион гласачи веќе го ставија ливчето во кутијата. Само на Флорида гласале повеќе од 3,5 милиони луѓе; 36% од веројатните гласачи рекоа дека веќе гласале и дека ја фаворизираат Клинтон со разлика од 17%, тврди политичкиот новинар од NBC, Марк Мареј. А, Флорида воопшто не е изолиран случај. На крајот од август, Демократите имаа 4200 луѓе во тимот, наспроти 900 кај Републиканците, пресметале NBC.   

3. Народот не го сака ни едниот ни другиот кандидат

Важно е да се има предвид дека овие двајца кандидати се најмалку популарните кандидати за претседател во историјата на САД. Во анкетите на Вашингтон Пост и ABC Њуз спроведени на почетокот од октомври, 42% од регистрираните избирачи имале позитивно мислење за Клинтон, за разлика од 56% кои се изјасниле негативно. Бројките на Трамп се уште полоши – 37% од избирачите имаат позитивно мислење за него, а 62% - негативно.
Ова ниво на непопуларност го отежнува секој обид да се процени на која страна ќе застанат неопределените избирачи – а такви се прилично голем број. Негативните бројки на Трамп биле и ќе бидат полоши од бројките на Клинтон. Но, дали избирачите едноставно ќе ја изберат неа како „помало зло“ или нивните калкулации ќе имаат друга логика? Најновите анкети на Вашингтон Пост и NBC Њуз покажуваат дека Хилари Клинтон има предност од 4% пред Доналд Трамп меѓу можните бирачи.

4. Излезноста е поважна од кога било досега

Секако, тврдењето дека излезноста е најважна е повеќе од очигледна, но клучниот фактор во сите анкети, како во државите што се „бојни полиња“ така и на национално ниво, е дали Трамп ќе успее да влијае на структурата на гласачите како што вети. Имено, во 2012 година гласале околу 125 милиони луѓе – 65 милиони за Обама, 60 милиони за Мит Ромни. Електоратот беше поделен, така што 72% од гласачите биле белци, 13% Афроамериканци, 10% Хиспанци и 3% Азијци.
Жените сочинувале 53% од електоратот, од нив 38% се изјасниле како Демократи, 32% како Републиканци и 28% независни. Дури и минимална промена на тој систем, ако во електоратот, да речеме, доминанираат белци како што беше случајот во 2012 година, наместо да падне на 60 и нешто проценти, како што покажуваат мнозинството проекции – може да се случи да има драматично влијание врз исходот на „бојните полиња“. Заради целосно неортодоксната кампања што ја води Трамп, предвидувањето на излезноста е уште потешко отколку што би било вообичаено. 
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот