X
 22.12.2016 Образование

Лошите оценки не го дефинираат детето

дете

 

Секое дете вреди, и тоа многу! Секако, секое е различно и има различни вештини и способности. Исто така, секое дете поседува сопствен ритам на учење. Дефинирањето на детето според неговите оценки е огромна грешка која може да ја загрози самодовербата на децата така што тоа ќе се почувствува помалку паметно и дискриминирано како од страна на наставникот, така и од другарчињата.


Секој родител кој го притиска детето по секоја цена да добие петки, на детето може да му нанесе штета и болка. Наместо целта да бидат најдобри оценки, насочете ја силата да ги воочите доблестите и силните страни на вашето дете со давање поддршка кога ќе наиде на потешкотии.

Оценките се само индикатор

Детето кое добива лоши оценки по некој предмет не е глупаво. Едноставно некои деца полесно совладуваат одредени предмети додека имаат потешкотии со други.

Ова е целосно нормално, а неуспехот може да зависи од различни фактори. На пример, детето може да има лоши оценки по некој предмет поради начинот на предавање кој не е соодветен за неговиот стил на учење. Можеби детето побавно созрева и едноставно се'уште не е подготвено да ги сфати сите концепти. Токму поради овие причини е важно родителите да го запознаат своето дете и различно да ги гледаат неговите оценки.

Запомнете, зборовите од типот „глупав“, „смотан“, во врска со лошите оценки само му штетат на детето и ја повредуваат самодовербата и сигурноста на детето. Исто така, непотребно е да го казнувате или дополнително да го притискате за лошите оценки.

Доколку вашето дете учи побавно, помогнете му да оди со негови чекори, полека. Поддржете го кога е потребно.

Како да му помогнете на детето со оценките?

Пред се', штом оценките станат нешто за кое треба да се загрижите, потребно е да реагирате давајќи помош и поддршка. Тоа значи дека не треба да има притисок за детето да не се почувствува лошо.

Започнете така што ќе му помогнете со предметот со кој има проблем. Тоа значи дека заедно треба да размислувате додека ја извршува домашната задача. Имајте на ум дека и учењето може да биде забавно - на пример, вклучете аудиовизуелен материјал бидејќи се покажа како корисен за пренесување на знаења.

Мотивирајте го вашето дете, направете да се почувствува дека знае. Верувајте во него и прославувајте ги и малите успеси.

Вооружајте се со трпение и истрајност и избегнувајте да решавате задачи кои се наменети за детето бидејќи тоа ќе му нанесе повеќе штета отколку корист. Единствено што детето ќе научи е дека мама/тато е подобар/подобра во тие задачи и дека тоа не може да ги реши.

Ако мислите дека позади лошите оценки се крие некој посложен проблем од невролошка природа, недостаток на внимание или разбирање, задолжително разговарајте со наставниците. Заедно најдобро ќе процените дали е потребна консултација со педагог. 
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование