X
 16.05.2023 Економија

Странците полесно ќе наоѓаат работа во Германија поради новите реформи на Владата

Германската економија се соочува со недостиг на работна сила со години, а Владата се надева дека ќе го намали проблемот со либерализацијата на имиграцијата.

Министерот за труд на Германија, Хубертус Хејл, изјавил дека Германија сака да создаде „еден од најмодерните имиграциски режими во Европа“ кој ќе помогне во намалувањето на проблемот со недостигот на работници. Хејл посочил дека имиграциските реформи се дел од поголема кампања на Владата чија цел е да привлече талентирани работници од целиот свет, да го намали влијанието на неповолните демографски трендови и да овозможи прилив на доволно квалификувани работници.

Хејл изјавил дека во многу сектори на германската индустрија владее „очајна“ потрага по работници, а ситуацијата во иднина ќе биде полоша.

- На Германија ќе ѝ фалат 7 милиони работници до 2035 година ако не сториме нешто - изјавил тој, додавајќи дека ова може да стане вистинска кочница за економскиот раст на државата.

Бундестагот треба да ги одобри реформите во следните неколку недели, а со тоа ќе се отстранат многу граници за вселување и вработување странци во Германија. На пример, странците ќе може да добијат работа иако немаат професионална квалификација според германски стандарди.


Фото: Pixabay

- Ќе биде доволно да имаат договор за работа со германски работодавец, малку работно искуство и да завршиле стручно образование во својата држава - изјавил министерот.

Германија ќе воведе и таканаречена „карта за можности“ која на имигрантите ќе им овозможи собирање бодови врз основа на нивното стручно образование и работно искуство, познавање на германскиот јазик, како и возраста.

- Кој ќе има доволно поени, ќе може да дојде во Германија и да бара работа - изјавил Хејл.

Друг закон кој наскоро ќе биде ставен во парламентарна процедура ќе им овозможи полесно добивање германско државјанство на странците.

Извор: Capital
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија