X
 16.09.2022 Технологија

Вештачката интелигенција веројатно ќе ги истреби луѓето, заклучуваат истражувачи од „Гугл“ и од „Оксфорд“

Истражувачи од „Гугл дипмајнд“, подружницата за вештачка интелигенција на „Алфабет“, и од Универзитетот „Оксфорд“ заклучиле дека е веројатно суперинтелигентната вештачка интелигенција да му стави крај на човештвото. „Алфабет“ е фирма-сопственик на „Гугл“.

Ова е заклучок на труд објавен неодамна во кој стои дека машините во иднина ќе почнат да ги прекршуваат правилата што им ги поставиле креаторите за да се борат за ограничените извори на енергија.

- Под условите што ги идентификувавме, нашиот заклучок е многу посилен од оној на која било претходна публикација - егзистенцијалната катастрофа не е само можна, туку е веројатна - напишал Мајкл Коен, еден од истражувачите, на „Твитер“.



Во трудот се вели дека човештвото може да изумре како последица на „неусогласени агенти“ кои ќе го сметаат човечкиот род како пречка за напредување. За жал, не можеме да направиме многу за да го спречиме ова сценарио, велат истражувачите.

- Во свет со неограничени ресурси, јас би бил екстремно несигурен за тоа што би можело да се случи. Во свет со ограничени ресурси, има неизбежен натпревар за овие ресурси - изјавил Коен.

Затоа, луѓето треба да бидат внимателни и бавно да напредуваат во областа на технологиите за вештачка интелигенција, според истражувачите.

Извор: Futurism
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија