X
 09.01.2017 Живот

Рупел ја замислува Европа поделена на мегарегиони... Каде припаѓа Македонија?

Како една од можностите, се наведува комбинација со формирање на источен, западен, северен, јужен и средишен мегарегион, како идни составни делови на денешната ЕУ.

Димитриј Рупел покрај авион

Словенечкиот претседател Борут Пахор во својот говор пред дипломатите предупреди на реалната перспектива за „регионализација“ на Европската унија, при што државите членки ќе се групираат во согласност со своите интереси и геостратешки обележја, а идејата, за словенечко „Дело“, во саботата ја разработи Димитриј Рупел, поранешниот министер за надворешни работи на Словенија.

Идеално би било Европа да остане „што поцелосна и што послободна“, но допрва треба да се пронајде заедничкиот европски идентитет, па затоа во сегашната криза и предизвиците, Европа стои пред дилемата дали ќе се развива „во што потесен и полабав“ сојуз на народи, односно држави со традиционални државни апарати, тврди Рупел.

Затоа треба да се предвиди можност за поделба на ЕУ на помали единици, таканаречени магарегиони, кои според географските или интересните начела би составувале „сродни“ држави, според моделот по кој се поврзани државите во Бенелукс или Вишеградската група, наведува во својата елаборација Рупел.

Како една од можностите ја наведува комбинацијата со формирање на источен, западен, северен, јужен и средишен мегарегион, како идни составни делови на денешната Европска унија.

Тој Словенија ја гледа во идниот средишен мегарегион, всушност во идната проширена Вишеградска група, во која би влеле и Словенија и Австрија.

Во тој случај, предвидува Рупел, Хрватска заедно со Бугарија и Романија би биле составен дел на источниот мегарегион, а во северниот би влегле скандинавските и балтичките држави, додека во јужниот – медитеранските членки Кипар, Грција, Италија, Малта, Португалија и Шпанија.

Најсилна политичка и економска групација би биле земјите од западниот мегарегион: Белгија, Франција, Ирска, Луксембург, Германија и Холандија.

Кога ќе дојде време за тоа, во европскиот источен мегарегион  би се вклучиле и Србија, Македонија, Црна Гора и Косово, како и Турција и Украина, наведува Рупел.

Но, Европа би можела да се подели и според морињата и океаните кон кои гравитираат определени држави и тоа на: атлантска групација, балтичко-северноморска, подунавско-црноморска и средоземна групација.

Јадранското Море е многу важно за Словенија која го изразува и својот „јадрански идентитет“, а за доминација над Јадранот сè помалку се води тивка битка, пишува поранешниот министер. Во тоа заедно со Италија најактивна е и Хрватска, која се чини дека претендира да биде хегемон на источната страна на Јадранот.

Рупел смета дека Европа треба да размисли за модел што ќе создаде „синергија од различни идентитети“, за да стане што поефикасна.

„Притоа сметам на изворните европски идентитети, а не на оние кои ги носат доселениците. Мислам на европските локални и национални идентитети, на идентитетите на јазичните групации, геополитичките и воопшто, европските идентитети“, вели Рупел во својата анализа во љубљанско „Дело“.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот