X
 15.06.2017 Образование

Студентка од Економскиот факултет при УКЛО го споделува своето Еразмус+ искуство

Економскиот факултет при универзитетот УКЛО се најде меѓу најпривлечните и најактуелните факултети на овој универзитет. 32,7% од нашите испитаници изјавиле дека би сакаат да се запишат токму на оваа високообразовна единица. Голем број студенти од овој факултет реализирале мобилност токму преку програмата „Еразмус+“. Тие со нас ги споделуваат нивните искуства и импресии од нивните престои во земјите ширум светот.

2

Понекогаш спонтаните одлуки кои не се однапред испланирани можат комплетно да го сменат текот на животот. При тоа, немојте да се плашите што ќе се случи, едноставно дозволете нештата да се случат и уживајте во нивниот тек. Преплавена од премногу емоции и доживувања не знам од каде да почнам во опишувањето на моето искуство од Еразмус+ мобилноста која сосема го промени текот на мојот живот. Имено, благодарение на можноста што ја нуди Еразмус+ ги живеам 10-те најубави месеци од мојот живот, живеам буквално како во сон од кој не сакам никогаш да се разбудам.

Но, да тргнеме од почеток. Што се случи пред речиси повеќе од една година што придонесе да се промени мојот живот? Случајно дознав дека се во тек апликациите за Еразмус+ мобилности. И покрај тоа што претходно немав подетални информации за оваа програма, без двоумење и никакви стравови аплицирав за мобилност во Универзитетот во Фоџа, Италија. По извесен период бев известена дека сум номинирана и знаев дека следната студиска година почнувам едно ново поглавје во животот. Во тој момент кај мене се јави мала недоумица со оглед на фактот дека бев единствен студент од Република Македонија што заминува на студиски престој во овој универзитет. Потоа, следуваа потешкотии во однос на изборот на соодветни предмети, решавање на визното прашање и сл. но, со упорност и цврста решеност да успеам сепак, ги надминав сите овие проблеми.

Пред да заминам на пат направив истражувања за градот, факултетот, сместувањето, транспортот и започнав да ги одбројувам деновите и часовите до моето заминување. Во меѓувреме се приклучив на Еразмус форумот каде што стапив во контакт со студентка од Унгарија со која решивме да живееме заедно. Комуникацијата меѓу нас се одвиваше на лесен начин како да се познаваме цел живот дури и пред лично да се сретнеме. Релативно лесно успеавме да пронајдеме апартман и го чекавме големиот ден кога требаше да почне новата акдемска година.

3

Во овој контекст, на моите колеги би сакала да им дадам неколку корисни препораки што ќе им помогнат во фазата пред аплицирање за Еразмус+ мобилноста. Прво, информирајте се подетално во врска до дестинациите и можностите кои ви се нудат. Второ, направете истражувања и споредба во поглед на соодветноста на предметите од вашиот и странскиот универзитет, како и веројатноста од јазична бариера. Трето, направете истражувања за трошоците на живот, сместувањето, потребните документи и сл. Четврто, спакувајте се, отпатувајте и уживајте во оваа прекрасна авантура.

Конечно дојде и денот на заминувањето. Мојата Еразмус авантура започна на 23 септември, 2015 година. Патувањето до финалната дестинација беше долго но интересно искуство, така што се чувствував како вистински патник препуштен на судбината. По 27 часа патување се најдов во градот кој секогаш ќе биде мојот втор дом и каде ќе се чувствувам како дел од мојата Еразмус фамилија. Од тој ден времето буквално лета со оглед на тоа што уживам во секоја секунда од животот и се чувстувам полна со енергија како никогаш претходно. Еразмус фамилијата секојдневно се зголемува со членови од најразлични држави од светот. Со нив сé е совршено зашто уживам кога одам на универзитет, вечера, забава, патување, па дури и кога седам меѓу четири ѕида и не правам ништо.

Почетокот иако тежок, сепак за мене значеше стекнување на голем број нови искуства. Првата недела едноставно се губиш по сокаци, не знаеш каде живееш, каде имаш часови, не познаваш никого... Но, тоа чувство трае многу кратко, а потоа ти се чини како овде да си живеел цел живот.

3

Прилично сум задоволна од овдешното универзитетско искуство. Благодарение на моето познавање на италјанскиот јазик редовно ја следам наставата и имам голем бенефит од новите стекнати знаења. Овде сите се многу љубезни и гледаат на секој можен начин да ти помогнат околу совладување на материјалот со цел да се постигнат добри резулти. Исто така, се организираат голем број семинари од најразчилни полиња. Така на пример, пред извесно време имавме можност да се запознаеме со Американскиот Нобеловец од областа на економијата Мајкл Спенс којшто гостуваше како визитинг професор на нашиот факултет.

Паралелно со редовната настава, убава е можноста да се посетуваат бесплатни часови по италјански јазик со што секој странски студент може да се стекни со цертификат и дополнителни ЕКТС кредити. Доста интересно искуство за мене беше учеството во радио програма каде што зборував за дотогшните доживувања и мојот живот како Еразмус студент во Фоџа. Исто така, бев дел од тимот со кој ја промовиравме Еразмус+ програмата во средните училишта. Лично се чувствував многу исполнето што оставив мој белег за време на т.н. Erasmus social week при што собиравме храна пред божиќните празници за семејствaта со мали примања. Листата од културно-забавни активности нема крај: голем број мултинационални вечери, ручеци, забави, игри, патувања и сл. За време на мојот престој овде согледав голем број културни разлики и сличности, го збогатив мојот вокабулар од повеќе јазици, вкусив нарјразлични традиционални јадења... Во поглед на патувањата посетив голем број места во Италија, но и надвор од неа. Едноставно се сретнуваш со твоите Еразмус пријатели, ви се раѓа идеја да се патува негде и ете ве во некое место во Европа посетувајќи културни знаменитости, најразлични фестивали и забави.

5

На ова место би сакала да ги пренесам и моите препораки до идните Еразмус студенти до кои треба да се придржуваат за време на мобилноста. Прво, грабнете ја секоја можност што ви се пружи. Второ, стекнете што е можно поголем број пријателства. Трето, забавувајте се низ дружење и патувања и; се разбира, четврто, не заборавајте на учењето.

И ете веќе се гледа крајот од мојата мобилност. Со тоа започнува оној депресивен период кога знаеш дека завршува едно прекрасно искуство. За жал, збогувањата веќе почнаа, но со секого си давате ветувања дека ќе се посетите меѓусебно или ќе организирате средба во некој дел од светот. На крај сфаќаш дека животот после Еразмус мобилноста нема повеќе да биде ист зашто се чувствуваш позрело и побогато со голем број нови искуства. Како и да е никогаш нема да заборавам ниту еден едиствен детал од овие 10 месеци на кои ќе се навраќам постојано во меморијата. Затоа, овде кружи изреката “Once Erasmus, always Erasmus” (Еднаш Еразмус, засекогаш Еразмус). Во прилог сакам да ви споделам неколку фотографии за да доловите некои моменти...

Тамара Петреска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование