X
 28.06.2017 Здравје

Близината на смартфонот ја намалува способноста за размислување


Видеоигра на смартфон
(Фото: Pixabay)

Нашата когнитивна способност значително е намалена кога паметниот телефон ни е на дофат, дури и во случаи кога е исклучен, потврдува новата студија од Деловната школа Мекомбс при Тексашкиот Универзитет во Остин.

Професорот Едриен Ворд и неговите колеги спровеле експерименти на преку 800 корисници на смартфони, со цел за првпат да измерат колку се успешни луѓето во извршувањето на своите задачи кога телефоните им се во близина, без оглед дали ги користат или не.

Во еден експеримент, научниците побарале од испитаниците да седнат пред компјутер за да изработат неколку зададени задачи кои барале потполна концентрација. Тестовите биле осмислени за да го измерат когнитивниот капацитет – способноста на мозокот да складира и обработува податоци во кој било момент. Пред почетокот, учесниците биле замолени своите телефони да ги остават на масичките свртени со екранот надолу или да ги стават во своите чанти, а една група да ги остават во друга просторија. Но сите биле замолени да ги постават на бесшумен режим на работа.

Научниците утврдиле дека учесниците кои ги оставиле своите телефони во други простории значително подобро ги решиле задачите во споредба со оние кои ги задржале телефоните на масичките, дури и нешто подобро од оние кои ги ставиле телефоните во своите чанти.

Заклучокот на студијата е дека самото присуство на паметниот телефон го намалува нашиот когнитивен капацитет и ја загрозува когницијата, без оглед колку веруваме дека сме се концентрирале на задачите. „Резултатите јасно покажуваат дека што е повидлив телефонот, нашиот когнитивен капацитет е помал“, вели Ворд. „Свесно, вие не размислувате за вашиот телефон, но тој напор да не размислувате на него ви одзема дел од ресурсите за размислување. Телефонот го исцрпува мозокот“.

Во вториот експеримент, научниците ја споредувале зависноста од смартфоните со когнитивниот капацитет. Учесниците повторно извршувале низа задачи, со телефонот покрај себе, во чантата, во џебот или во друга просторија. Овој пат, некои учесници биле замолени да ги исклучат своите телефони. Оние кои изјавиле дека се најмногу зависни од својот телефон, покажале полоши резултати во споредба со останатите, но само во случаи кога телефоните им биле на масата пред нив или во нивната чанта.

Исто така, научниците утврдиле дека телефон на дофат на раката или во видокругот, ја намалува концентрацијата и способноста за решавање на задачи без оглед дали е вклучен или не. Во тој случај, дел од мозокот, наместо да работи на задачата, е посветен на воздржување од земање на телефонот во рака.

„Работата не е во тоа што телефоните со своите нотификации им сметаа на испитаниците, туку едноставно со самото свое присуство“, предупредува Ворд.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје