X
 21.09.2017 Култура

Потег-два на школската клупа

Колумна на Виктор Ефтимов

Го паметам дедо ми по она што го научив од него. Иако бев мал и грото спомени никогаш не добија шанса да се вообличат, сосема јасно го паметам дедо ми; со очила за читање додека учев да пишувам; со насмевка на лицето кога паѓав од велосипед; со солзи во очите кога почнав да летам. Не во буквална смисла на зборот, се разбира; човек не ни може да лета со телото, ама може со умот – и тоа е најбитно, знаеше да каже додека ме учеше да летам, без претходно да проодам.



Сосема јасно го паметам денот кога се врати од прошетка, ме седна крај масата и пред мене стави шаховска табла. Ги нареди фигурите и ми ги кажа правилата. Во почетокот губев. Потоа се подобрив, за потем да продолжам да губам. Дедо ми навистина умееше да војува. Шахот е борба меѓу умови, велеше, а целта е да го надмудриш противникот. Дури и во смртта замина како победник, а јас бев мал и иако не би требало да се сеќавам, сосема јасно го паметам и тоа.

Всушност, да не беше дедо ми, јас немаше ни да слушнам за шахот, бидејќи моето основно образование се состоеше од изучување јазици, математика, историја и ликовно; и иако во меѓувреме имав и дополнителни опции – тоа и не беше некој избор. Можеби ќе се запрашате каква врска има сега шахот со образованието и зошто некој воопшто да го воведува како изборен предмет кога тоа е само обична игра? Меѓутоа, шахот е многу повеќе; тој е јазик што се зборува со раката; тој е математика на низи од бесконечности; тој е историја на умот, уметност на човекот. Впрочем, шахот започнува како игра, а прераснува во нешто сосем друго.

Еднаш eден писател, кој многу го ценам и ми е драг при срце, ми укажа дека пишувањето е занает, исто како плетењето. За да знаеш да ги обликуваш зборовите, треба да знаеш како се придвижуваат котелците. За да знаеш да пишуваш, треба да знаеш како се плете. И ако доволно често плетеш, тогаш и доволно квалитетно ќе пишуваш. А дури потоа, можеби и ќе се издигнеш како занаетчија, претворајќи го занаетот во уметност.

Не можам да продолжам, а да не го споменам истото и за шахот – со една суштинска разлика: тој наликува на игра и тоа го прави поинтересен за изучување, особено кај децата на помала возраст. Но, не сите сакаат да бидат уметници, а во најмала рака занаетчии. Малите деца сонуваат големо, а сонот ги прави научници, доктори, пилоти и што сè не друго. Притоа, токму ним им е најпотребен, од причина што веќе постојат многубројни истражувања кои покажуваат дека играњето шах го зголемува коефициентот на интелигенцијата; ја продлабочува меморијата и ја збогатува креативноста; ги подобрува вештините за решавање проблеми; ја зацврстува концентрацијата и подучува на стратешко планирање. Всушност, шахот секогаш секому нуди различни лекции, дури и кога губи. Најважна од сите е онаа што никој не може да ја научи од некој друг - носењето самостојни одлуки.

Затоа и не е правилно да заземаме улоги на привремени капетани во туѓи животи и истовремено да ги лишиме младите од нивното право на летање. Особено не оние што немаат дедо како дедо ми.

Автор: Виктор Ефтимов

Виктор Ефтимов е студент на Факултетот за електротехника и информациски технологии, Институт за компјутерски технологии и инженерство (КТИ). Одговорен, истраен, посветен и фокусиран, тој е емотивно интелигентна личност, толерантен е, коректен и самосвесен. Има космополитски став кон светот. Сака да чита книги, сака шах.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура