X
 30.09.2017 Образование

Петте најчести заблуди за обрaзованието


Училиштен прибор
(Фото: Pixabay)


Образованието е комплексна тема. Тоа е компилација од традиционални сфаќања и непроверени идеи. За него одлучува огромен бирократски апарат во кој секој поединец има сопствена претстава за тоа како треба да изгледа образовниот процес. Имено, сето тоа е добро за нашите деца, но како да не бидеме збунети кога постојат толку спротивставени ставови за образованието?

За да им ги олесни работите на родителите, порталот Fatherly ги разоткрива петте најчести заблуди со кои се среќаваме секојдневно:

1.    На децата им е неопходно претшколско образование


Всушност, на оваа возраст најважно е да се развиваат социјалните вештини и децата безгрижно да си играат. Научниците не пронајдоа аргументи за одвојување на децата од родителите во овој период само за да се подготват за на училиште преку учењето букви и бројки.

Исклучок од ова се децата од семејства кои не се во можност да им пружат доволно стимулација за развој – семејства каде што малку се зборува, а храната ја нема во доволни количини. Тогаш, неколку часа претшколска настава можат да ја надоместат разликата.

2.    На децата им се неопходни домашните задачи


Повеќе домашни задачи не значат и повеќе учење. Резултатите од научните истражувања се поделени, но постои согласност дека кај постарите деца постои некаква корист од нив, додека кај помладите постои многу слаба врска меѓу количината на домашни задачи и успехот. Затоа, сосема е разбирливо дека се нервирате кога вашето дете од градинка ќе се врати со обврска да изработи неколку домашни задачи. Тоа време детето може да го искористи на многу подобар начин, на пример – да ги набљудува бубачките во блискиот парк.

3.    Наставниците треба да се приспособат кон стилот на учење на детето

Идејата дека некои деца учат визуелно, а други со слушање, е мит кој науката одамна го разбила. Децата можат да се приспособат на секаков вид учење и не е добро да се инсистира дека еден вид им лежи повеќе од друг.

4.    Приватните училишта се подобри

Родителите сметаат дека една од предностите на приватните училишта е тоа што одделенијата се помали, но големината на одделенијата воопшто не влијае врз успехот на детето. Постојат примери на вонредно успешни одделенија во кои бројот на деца е околу 45, пред сè благодарение на успешни и мотивирани наставници.

5.    Раното алтернативно образование е подобро

Не постојат докази дека градинките „Монтесори“ и „Валдорф“ се подобри за децата. Зад нив стојат некои навистина успешни луѓе, но факт е дека со децении ваквите установи главно ги посетуваат деца од повисоките општествени слоеви, кои генерално имаат значајна предност кога се работи за подоцнежниот успех.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование