Кога во 2014 година беше премиерно прикажан филмот „Ритамот на лудилото“ (Whiplash), кој на режисерот Демиен Шазел му донесе светска слава, а на ветеранот Џ. К. Симонс „Оскар“ за споредна улога, глобалната џез-заедница беше бесна и го подигна својот глас.
Суштината на овие приговори се однесува на „нереалистичниот“ приказ на светот на џезот и образовниот систем, прикажани преку патолошкиот однос меѓу професорот-тиранин и младиот амбициозен тапанар. А суштината зад оваа „суштина“ беше фактот дека џез-заедницата е прикажана без трошка романтизација и позитивни стереотипи.
Ако се земе предвид дека џезот со децении маки мачи со комерцијалниот потенцијал и атрактивните наративи кои би ѝ дале на самата музика приемчив социјален контекст, донекаде е разбирлив и оправдан стравот дека ваквиот филм би му донел лоша репутација на џезот.
Ако го оставиме настрана приговорот дека филмот го прикажува авторското видување на реалноста преку уметничката слобода, и понатаму би можело да се каже дека Шазел донесе повеќе добро отколку лошо во перцепцијата за џезот кај филмската и телевизиската публика на денешницата.
Џезот денес не е она што бил во 60-тите. Нема големи свирачки херои, нема значајни општествени и духовни наративи за „ослободување“. Па и поранешните митолошки џез-херои како Мајлс Дејвис или Чарлс Мингус, на крстосницата на лудилото, алкохолизмот, зависноста од дрога, веќе не претставуваат никаков романтизиран симпатичен пример на „неуреден уметник“. Телевизиското производство уште од почетокот на 21 век успешно ги деконструира многуте стереотипи во драматуршкото портретирање на одредени професии, додавајќи „нијанси на сиво“ во портретирањето на ликовите. Нешто такво стана посакуван стандард за режисерите и продуцентите во 2020 година, а за образованата публика е нешто што се подразбира и посакува.
Во таа смисла, и џезот мораше да дојде на ред. На неговиот приказ во драматуршка форма не му се потребни нови херои кои ќе ги заменат Чарли Паркер и Декстер Гордон или некој друг, ниту комбинација на нивното хероинско-алкохоличарско бегство во комбинација со музичка генијалност. Потребен е едноставен чекор со времето, 21 век, каде што илјадници млади амбициозни музичари се борат за место под сонцето, макотрпно се пробиваат, вежбаат и свират по цел ден и паралелно ги преживуваат елементарните егзистенцијални битки. Во многуте издавачи, публицисти, менаџери, сопственици на клубови, медиуми, растргнати помеѓу комерцијалните тезги и авторските проекти, овие џезери од 21 век ниту се ниту можат да бидат музички ѕвезди. Тие ја сфаќаат реалноста на денешниот џез како заеднички напор, каде што колективниот пристап го надминува митот за херојот.
На овие постулати е изградена новата серија на „
Нетфликс“ наречена „Еди“, која го следи животот на сопственик на џез-клуб со исто име во Париз, односно домашниот бенд кој редовно настапува таму. Иако како креатор на серијата е потпишан Џек Торн, една од главните улоги во реализацијата на овој проект ја има токму Шазел. Освен што самостојно режирал две епизоди, тој ја постави креативната рамка под која останатите неколку режисери ќе ја работат цела сезона.
Фото: Screenshot/YouTube