X
 17.07.2020 Образование

ФИНКИ воведува обуки за стручно и професионално усовршување кои ќе ѝ помогнат на ИТ-индустријата, вели доцент д-р Петре Ламески

Дополнителна предност на кандидатите за обуки на ФИНКИ е контактот со повеќе од 300 приватни компании и јавни установи со кои ФИНКИ има потпишано меморандум за соработка, кои на нашата страница објавуваат над 1.000 позиции за вработување годишно, со што можноста за идно вработување, по обуката, значително се зголемува, објаснува продеканот Ламески

- Следејќи ги трендовите и потребите на нашите партнери од индустријата и општиот интерес за кариера во ИТ, заклучивме дека покрај висококвалитетен водечки инженерски кадар кој дипломира кај нас, се јавува потреба и од квалификуван стручен ИТ-кадар обучен со множество практични вештини кои можат да се стекнат за пократко време од формалното образование. Со таква преквалификација идниот вработен успешно може да придонесува во еден ИТ-тим и да гради кариера во рамките на тие информатички области – вели продеканот, доцент д-р Петре Ламески од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство од Скопје.

Со д-р Ламески разговараме за обуките за стручно усовршување што ќе ги воведат од претстојната академска 2020/2021 година.



И покрај огромниот интерес за тековните додипломски и магистерски студии, се одлучивте за нов чекор – да воведете обуки за стручно и професионално усовршување. Што беше пресудно за овој чекор?


- ФИНКИ се приближува до својата 10. година од постоењето како самостоен факултет при УКИМ. Во минатата деценија интензивно се посветивме на усовршување и континуирано модернизирање на редовните академски студиски програми од сите три циклуси на студии. Експоненцијално растечкиот интерес за запишување на тие студии ни потврди дека се добро прифатени како од матурантите за упис така и од компаниите и универзитетите за вработување на нашите дипломци. 

Доцент д-р Петре Ламески


Во меѓувреме, следејќи ги трендовите и потребите на нашите партнери од индустријата и општиот интерес за кариера во ИТ, заклучивме дека покрај висококвалитетен водечки инженерски кадар кој дипломира кај нас, се јавува потреба и од квалификуван стручен ИТ-кадар обучен со едно множество практични вештини кои можат да се стекнат за пократко време од формалното образование. Со таква преквалификација идниот вработен успешно може да придонесува во еден ИТ-тим и да гради кариера во рамките на тие информатички области. Исто така, голем е бројот на лица од други професии што имаат потреба од обуки за базични ИКТ-вештини за внесување подобра ефикасност во своето работење и побрз напредок во кариерата.

Секако, тука се и потребите за доживотно учење и супспецијализација на нашите поранешни дипломци, а сегашни вработени инженери. ФИНКИ минатите години веќе организираше специјализирани обуки за потребите на повеќе реномирани компании преку кои нивните вработени стекнуваа напредни технички знаења, како и повеќе различни семинари и обуки за различни профили на слушатели.
Согледувајќи го сето тоа, а по добивање на правната рамка за истото во новиот Закон за високо образование, сметавме дека е крајно време да понудиме спектар на обуки со кои ќе можеме да им помогнеме на индустријата и на заинтересираните кандидати.


Каков вид обуки нудите?


- Воведуваме три вида обуки. Обуки за професионално усовршување, во кои се обработуваат напредни теми од компјутерските науки или информатичките технологии и се наменети првенствено за веќе вработени професионалци, ИТ-ентузијасти, како и студенти што сакаат да ги продлабочат своите знаења, на кои им се потребни напредни знаења за некоја нова технологија или трансфер кон друга подобласт на информатиката.

Потоа, обуките за стручно усовршување, наменети за луѓе што немаат ИТ-квалификации, а сакаат да се преквалификуваат за работа во овој сектор. Овие кандидати имаат на располагање обмислена повеќемесечна програма со повеќе курсеви каде што иницијално се почнува со општи ИТ-знаења и вештини и потоа се стигнува до широка палета на стручни области преку кои може да го профилираат своето стручно образование.
 
Третиот вид се обуки за општи и напредни компјутерски вештини наменети за професионалци од други сектори, кои сакаат да ја зголемат својата продуктивност. Тука се вклучуваат и основни теми од сајбер-безбедност со цел зголемување на свесноста за заштита на ИТ-системите, како и знаења за основно одржување на канцелариски компјутерски системи и мрежи.


Што може да очекуваат кандидатите што ќе се запишат и ќе ги завршат обуките?


- Со цел да се максимираат квалитетот и ефектот од обуките, тие ќе се изведуваат во мали групи со најмногу 20 кандидати. Наставата за време на обуките ќе биде целосно практична, комплетно изведена во компјутерска лабораторија во форма на комбинирани предавања и вежби на компјутер. Дел од обуките, особено оние за преквалификација, се планирани да се изведуваат по 16 часот за да им се излезе во пресрет на вработените кандидати. Кандидатите ќе бидат во директна интеракција со предавачот кој ги изведува обуките. Сите знаења што ќе ги стекнуваат веднаш ќе ги применуваат преку директна практична примена и проекти. Поради кризата со коронавирусот, обуките првично ќе се изведуваат преку системите за далечинско учење на ФИНКИ, кои ги користиме и за изведување на редовната настава и испитите



Доцент д-р Петре Ламески 


За време на обуките, предвидено е континуирано тестирање на кандидатите и полагање завршен испит за курсевите, како и финален сертификат за завршена обука. Дополнителна предност на кандидатите за обуки на ФИНКИ е контактот со повеќе од 300 приватни компании и јавни установи со кои ФИНКИ има потпишано меморандум за соработка, кои на страницата на ФИНКИ објавуваат над 1.000 позиции за вработување годишно, со што можноста за идно вработување, по обуката, значително се зголемува.


Како најдобро да се информираат кандидатите за новите обуки?


- Обуките на ФИНКИ се во подготовка веќе подолг период и нивните програми се базирани на детаљни анализи за потребите на пазарот на трудот, вклучувајќи ја анализата на ИТ-индустријата од ИКТ-комората МАСИ, и во согласност со Европската рамка за Е-компетенции. Предвидени се обуки за најбараните профили и кадри. Овие обуки гарантираат дека кадарот кој ќе произлезе од нив ќе биде квалитетен и спремен за предизвиците и задачите што ги нудат работодавците. Квалитетот на обуките на ФИНКИ е гарантиран не само од квалитетно изработените програми за обуките, туку и од високостручниот и искусен наставен кадар кој има богато искуство во научни и апликативни проекти, а особено во едукацијата на студенти, како и во организацијата на голем број обуки и семинари.

ФИНКИ преку овие обуки дава поддршка на уредбата од Владата за доделување ваучери за обуки за дигитални вештини кои може да бидат искористени од млади лица. Сите обуки што ги организира ФИНКИ ќе бидат понудени на јавниот портал за услуги каде што младите лица ќе можат да ги изберат согласно правилата на повикот.

Повеќе информации за обуките можете да најдете на https://obuki.finki.ukim.mk, а за дополнителни прашања можете да нè контактирате на електронската пошта obuki@finki.ukim.mk.

Подготвил: С.Ѓ.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование